• среда, 25 декември 2024

Извештајот на ЕК нотира напредок на земјата во повеќе области, за власта патоказ за натамошно спроведување на реформите

Извештајот на ЕК нотира напредок на земјата во повеќе области, за власта патоказ за натамошно спроведување на реформите
Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - Европската Комисија во најновиот Извештај за  земјата за 2022 година оцени дека Северна Македонија бележи издржан напредок, а годинава беше важна поради отпочнувањето на преговарачкиот процес, што претставува вистински пробив. За државниот врв Извештајот е објективен приказ за состојбите во општеството, но и патоказ за институциите за натамошно спроведување на домашните реформи.

-Северна Македонија го отпочна преговарачкиот процес со првата политичка меѓувладина конференција што одамна требаше да се случи, ова е пробив за земјата, Северна Македонија покажа одлучност и издржан напредок, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој ги презентираше вчера извештаите за земјите од Западен Балкан и Турција пред Европскиот парламент.

Еврокомесарот забележа дека е важно земјата да го задржи реформското темпо и да го искористи процесот на скрининг, за да го искористи својот потенција за забрзување на реформите. Според него, потребни се дополнителни напори во областа на јавната администрација.

Извештајот го поздравува целосното усогласување на Северна Македонија со надворешната политика на ЕУ, посебно во однос на Украина.

-Со ова земјата ја покажа својата одлучност да напредува на својот ЕУ пат, изјави Вархеји.

На прес-конференцијата која следеше по презентацијата на извештаите, еврокомесарот одговори и на прашање за најлошата оценка во извештајот за Северна Македонија, а тоа е слободата на изразување и на медиуми, каде Европската Комисија го критикува отсуството на реформите во МРТВ. Таа смета дека напредокот во областа на слободата на изразување е ограничен, а недостигот на медиумска саморегулација има негативни последици врз професионалните стандарди во новинарството

-За слободата на изразување бараме да се донесат законските реформи кои се на маса веќе неколку години. Се надевам дека конечно опозицијата и Владата ќе најдат начин да се договорат во Собранието за овие реформи, рече евокомесарот Вархеји.

По најавите дека претседателот Стево Пендаровски побарал од Европската Комисија да и помогне на Северна Македонија да надомести за цената на електрична енергија од Бугарија, еврокомесарот одговори дека е запознаен со барањето и дека се работи на “поширок пакет за спас“ за целиот Балкан, кој би требало да го презентираат на лидерите во ноември на самитот на Берлинскиот процес.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, вчера им предаде копии од Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2022 година на претседателот Стево Пендаровски, на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери. А денеска заедничка прес-конференција ќе одржи со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.

Пендаровски, како што соопштуваат од неговиот кабинет, го истакнал особеното значење на овој извештај, бидејќи е прв по почетокот на пристапните преговори со ЕУ и почетокот на скринингот. Оценил дека извештајот дава детална слика за состојбите во општеството, но и дека претставува и патоказ за натамошната работа на институциите и областите во кои ќе треба да се посвети поголемо внимание. 

-Пристапниот процес, налага сите капацитети да бидат насочени кон реализација на потребните реформи и во тој контекст посочи на потребата сите општествени чинители да го дадат својот придонес во овој процес, смета претседателот Пендаровски,

Воедно, Пендаровски порачал дека отворањето на преговорите со Северна Македонија е добра можност Европската Унија да ја демонстрира својата посветеност кон интеграцијата на земјите од Западен Балкан, како најдобар одговор на растечкиот евроскептицизам во регионот

Евроамбасадорот Гир на средбата со претедателот на Собранието Џафери на која присуствувале и координаторите на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митрески, на ДУИ, Арбер Адеми, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, пратеникот на Алијанса за Албанците, Атнан Незири и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, посебно го потенцирал делот на Извештајот за Собранието. -Амбасадорот Гир, при презентацијата на Извештајот за напредокот на земјата, го потенцираше делот за Собранието како форум за конструктивен политички дијалог, особено за реформската агенда на ЕУ и како централна институција во која се одвива дебатата на сите политички партии. Се потенцира дека треба да игра активна и позитивна улога во процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Потребни се заеднички и брзи напори од сите партии како приоритетни чекори за зајакнување на улогата на законодавниот дом. Во него се нотираат очекувањата и важноста од активно вклучување и интерес и во процесот на Дијалогот Жан Моне на сите политички партии во Собранието, се наведува во соопштението. Џафери, се посочува, ја потенцираше важноста од доследно спроведување на дело на декларираните евроинтеграциски цели отсликани во партиските програми на сите пратенички групи и претставници на политички партии претставени во Собранието. Премиерот Ковачевски на состанокот со евроамбасадорот Гир изразил благодарност до Европската Унија за препознаениот напредок на земјата во повеќе области и посочил дека ќе следи детална анализа на Извештајот со која ќе се утврдат областите на кои ќе треба поинтензивно да работиме. Како што се наведува во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста, Ковачевски истакнал дека Република Северна Македонија останува со силна заложба за спроведување на реформските процеси и целосно усогласување на домашното со европското законодавство. Стратешка цел на Владата е Република Северна Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија. Овој процес веќе го започнавме летово и очекуваме тој да се финализира до 2030 година, нагласил Ковачевски на состанокот на кој присуствувале и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. -Уште еден позитивен Извештај на Европската комисија за 2022 година. Следува анализа и точно мапирање на областите на кои треба да се фокусираме и со силни напори и повеќе реформи да направиме голем чекор напред на патот кон ЕУ, објави вчера вицепремиерот Маричиќ на неговиот официјален фејсбук профил по средбата во Владата. -На средбата евроамбасадорот Гир ги пренесе пораките од Европската комисија која го поздравува почетокот на преговарачкиот процес, одржувањето на меѓувладината конференција и напорите кои ги правиме за забрзување на патот кон ЕУ. Новиот Извештај, со сите забелешки и укажувања за напредокот на Северна Македонија, доаѓа во текот на скрининг процесот и несомнено ќе биде наш водич за нови реформи, стои во објавата на Маричиќ. И шефот на дипломатијата Бујар Османи оцени дека Европската комисија во новиот Извештај за напредокот на Северна Македонија за 2022 година што беше презентиран во Брисел, го нотира позитивниот напредок за земјава за 2022. Во објавата на неговиот фејсбук профил тој наведува дека Извештајот е позитивен и претставува јасен патоказ за Република Северна Македонија и нејзините институции за натамошно спроведување на домашните реформи. -Одржувањето на првата Меѓувладина конференција во јули 2022 година претставува историски момент и ја означува новата фаза во процесот на пристапување во ЕУ. Многу добар напредок со целосното усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика по руската агресија врз Украина.Во делот на регионалната соработка, земјата одржува добри билатерални односи со другите земји од регионот и продолжува да се ангажира во регионалните иницијативи, ги посочува Османи оценките во Извештајот во делот на надворешната политика на земјава. Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел вчера изјави дека руската инвазија врз Украина ја истакнува важноста на проширувањето на ЕУ, кое добива ново геополитичко значење и додаде дека тоа е долгорочна инвестиција во мирот, просперитетот и стабилноста на Европа. Еврокомесарот Вархеји, презентирајќи го пакетот за проширување, истакна и дека политиката за проширување на ЕУ е геостратешка инвестиција во стабилноста, безбедноста и социо-економскиот развој на европскиот континент. – Нашиот извештај нуди фактичка и правична проценка и јасни насоки за да им овозможиме на нашите партнери да идентификуваат каде треба побрзо да одат со земјите. Нема алтернатива, наш заеднички интерес е да го забрзаме процесот на интеграција, почнувајќи од Западен Балкан. каде што инвестиравме долги години за да ги доближиме до ЕУ, рече Вархеји. вг/лв/

Тагови

Остани поврзан