• петок, 27 декември 2024

Известувач на ОН го обвини Израел за апартхејд на окупираните територии

Известувач на ОН го обвини Израел за апартхејд на окупираните територии
Ерусалим, 24 март 2022 (МИА) - Специјалниот известувач на ОН Мајкл Линк го обвини Израел за апартхејд на окупираните територии, што земјата остро го негира.
„Њујорк тајмс“ наведува дека за првпат известувач назначен од ОН да ги истражува прекршувањата на правата на окупираните територии ја обвини еврејската држава.
Канадскиот професор по право Линк не ја спореди директно ситуацијата на окупираните палестински територии со ерата на апартхејдот во Јужна Африка, каде што белото малцинство владееше над црното мнозинство.
Тој, сепак, рече дека она што се случува одговара на правната дефиниција за апартхејд според меѓународното право.
„На палестинската територија, окупирана од Израел во 1967 година, сега има пет милиони Палестинци без држава, кои живеат без права, во акутна состојба на потчинетост и без можност кон самоопределување или одржлива независна држава што меѓународната заедница повеќе пати ја ветува како нивно право“, напиша известувачот.
Тој оцени дека „разликите во условите за живот и правата на државјанство и бенефиции се големи, длабоко дискриминаторски и се одржуваат преку систематско и институционализирано угнетување“.
Израелската влада соопшти дека тврдењата на известувачот на ОН се неосновани и се најнови во кампањата за клевета, чија цел е да го поткопа правото на еврејската држава да постои.
Израел и поддржувачите на таа земја долго време тврдат дека Линк е пристрасен, што тој го негира. паг/
     

Остани поврзан