• вторник, 24 декември 2024

Изведба на балетската претстава „Дон Кихот“ во Националната опера и балет

Изведба на балетската претстава „Дон Кихот“ во Националната опера и балет

Скопје, 20 декември 2024 (МИА) - Во Националната опера и балет вечер ќе се изведе балетската претстава во два чина „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус, во кореографија на Виктор Јаременко од Украина. Диригент на претставите e гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, а сценограф е Андреј Злобин.

Под костимографијата се потпишува Гана Ипатиева од Украина, додека концерт-мајстор е Климент Тодороски.

Како што најавија од НОБ, во улогите на Китри и Базил вечер ќе настапат Христина Наќевска и Балаж Лочеи од Унгарија, а на 24 декември ќе настапат Наташа Трендафилова Гицев и Виктор Ишчук од Украина. Настапуваат солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет заедно со деца од балетскиот оддел на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

„Дон Кихот“ е волшебна приказна за ветерници, „совршената“ жена и вистинската љубов. Балетското дело е поставено на музиката на Минкус со експресивно темпо кое резултира со познатото „Дон Кихот Па де де“, кој дава акцент на целата претстава.

Kомпозиторот и виолинист Лудвиг Минкус (1826-1917) напишал неколку популарни балети, а речиси сите од нив, а особено балетот „Дон Кихот“ и денес се изведувани низ целиот свет. „Дон Кихот“ е балет базиран на познатиот истоимен роман од Мигел де Сервантес.бт/вг/

Фото: НОБ

Остани поврзан