• среда, 25 декември 2024

Избрани 11 потпретседатели на Европарламентот, продолжува постапка за избор на уште тројца  

Избрани 11 потпретседатели на Европарламентот, продолжува постапка за избор на уште тројца  

Стразбур, 16 јули 2024 (МИА) – Во првиот круг на гласање за избор на 14-те потпретседатели на Европскиот парламент на попладневното продолжени на конститутивното парламентарно заседание, доволно гласови за да бидат избрани на функцијата добија 11 од 17-те предложени кандидати. 

За нови потпретседатели на ЕП се избрани Забине Верхајен од Христијанско демократската унија на Германија (ЦДУ)/Европската народна партија (ЕПП) со 604 гласа, Ева Копач од полската Граѓанска платформа (ПО)/ЕПП со 572, Естебан Гонзалес Понс од шпанската Народна партија (ПП)/ЕПП со 479, Катарина Барли од Социјалдемократската партија на Германија (СПД)/Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 450, Пина Пичерно од италијанската Демократска партија (ПД)/СД со 405, Виктор Негреску од романската Социјалдемократска партија (ПСД)/СД со 394, Мартин Хојсик од Прогресивна Словачка (ПС)/Да ја обновиме Европа (РЕ) со 393, Кристел Шалдемозе од данската партија Социјалдемократи (С)/СД со 379, Хави Лопез Фернандез од Шпанска социјалистичка работничка партија (ПСОЕ)/СД со 377, Софи Вилмес од белгиското Реформско движење (МР)/РЕ со 371 и независниот романски пратеник член на групацијата на Зелените, Николае Штефануца со 347 гласа. 

Вкупно гласале 701 европратеник, при што 36 гласачки ливчиња беа неважечки или празни со што за валидни беа сметани 665 гласа и за да биде избран на секој кандидат му требаа најмалку 333 гласа. Секој европратеник имаше право да гласа за најмногу 14 кандидати. 

Помалку гласови од потребните за избор во првиот круг освоија Антонела Зберна од Браќа на Италија (ФДИ)/Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) - 323, Фабрис Лежери од францускиот Национален собир (РН)/Патриоти за Европа (ПФЕ) - 309, Робертс Зиле од летонска Национална алијанса (НА)ЕЦР - 306, Јунус Омаржи од партијата Непокорна Франција (ЛФИ)/Левица - 272, Клара Досталова од словачката Акција на незадоволни граѓани (АНО)/ПФЕ - 214 и Ева Зајочковска-Херник од полската партија Нова надеж (НН)/Европа на суверени нации (ЕСН) - 102 гласа. 

Вториот круг на гласање од постапката за избор на преостанатите три потпретседателски функции во Европскиот парламент меѓу преостанатите шест кандидати се одржува доцна попладнево. Во овој круг европратениците можат да гласаат за најмалку два, а најмногу три кандидати. 

Согласно Деловникот на Европскиот парламент, потпретседателите се бираат во три круга, при што во првите два за да биде избран кандидатот мора да добие апсолутно мнозинство гласови од вкупниот број на европратеници што гласале, додека во третиот круг за избран се смета кандидатот што ќе добие најмногу гласови, независно од мнозинството.  

Претходно денеска, европратениците ја реизбраа Роберта Мецола од малтешката конзервативна Национална партија (ПН), која е дел од групата на Европската народна партија (ЕПП), за претседателка на Европскиот парламент со мандат од две и пол години.   

За Мецола гласаа 562 европратеници, а нејзината противкандидатка за функцијата Ирене Монтеро од шпанската партија Можеме (Подемос), дел од групата на Левицата, доби 61 глас. Вкупно 76 гласачки ливчиња беа неважечки. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан