• недела, 24 ноември 2024

Избрани победниците на првиот виртуелен хакатон „Хакирај ја сивата економија во е-трговија” во организација на АЕТМ

Избрани победниците на првиот виртуелен хакатон „Хакирај ја сивата економија во е-трговија” во организација на АЕТМ
Скопје, 18 мај 2021 (МИА) - Три тимови чии концепт решенија се состоеа од: веб платформа со можност за рецензии за е-трговци, веб платформа за пријавување на нерегуларности при е-купување и надградување на регистарот на е-трговци со рејтинзи, како и екстензија со автоматски систем за проверка на легитимноста на е-трговците се прогласени за победници на првиот виртуелен хакатон за намалување на сивата економија во е-трговија што се одржа минатиот викенд во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. На хакатонот, десет тимови составени од студенти од Економскиот факултет, Скопје и ФИНКИ работеа на креативни решенија одговарајќи на еден од двата поставени предизвици “Едуцирај и мотивирај” и “Детектирај и сузбиј”. -По 48-часовна работа на тимовите кои беа менторирани од 18 ментори од приватниот сектор, академијата, како и институциите УЈП и Царинската управа, во неделата тие ги презентираа своите решенија пред жири комисијата составена од Нина Ангеловска, претседател на АЕТМ, Димитар Трајанов, од ФИНКИ и Ежени Брзовска, од Екононскиот факултет - Скопје. По евалуацијата од жирито, беа прогласени три победнички тимови чии концепт решенија се состоеа од: веб платформа со можност за рецензии за е-трговци, веб платформа за пријавување на нерегуларности при е-купување и надградување на регистарот на е-трговци со рејтинзи, како и екстензија со автоматски систем за проверка на легитимноста на е-трговците, информираат од АЕТМ. -Ваквите натпревари, додаваат оотаму, се одличен начин за студентите да остварат нови контакти и да соберат нови знаења додека работат на креативни солуции кои ќе имаат придонес кон решавање на одреден проблем. -Педесет студенти сега имаат поголема свест за штетноста на сивата економија воопшто и се запознаени со повеќе аспекти за фунционирањето на системот, додека 13 студенти од три наградени тимови ќе имаат можност да ги имплементираат нивните решенија во пракса и да бидат дел од промените. Сите можеме и мораме да влијаеме кон промените и драго ми е што оваа иницијатива го покажува токму тоа на дело, вели  Ангеловска. Професорката од Економскиот факултет Брзовска, пак, нагласува дека Хакатонот Хакирај ја сивата економија бил одлично искуство каде студентите го развивале својот креативен потенцијал и ги презентирале своите идеи, артикулирајќи ентузијазам, сигурност и посветеност. -Сметам дека мултидисциплинарниот  пристап како начин за решавање на актуелни проблеми претставува одлична можност за студентите за размена и демонстирање на нивните иновативни размислувања и идеи, вели таа. Професорот Трајанов информира дека на хакатонот биле презентирани интересни и иновативни идеи како да се справиме со сивата економија. -Имаше многу ентузијазам во развојот на идеите и очекувам дека победничките идеи ќе успеат да ја направат посакуваната промена во општеството. Воедно овој настан беше одлична можност за вмрежување и запознавање на студентите од ФИНКИ со студентите од Економски факултет, со што и едните и другите имаа можност да ги погледнат работите од друг агол и преку тоа да научат многу нови работи, додава Трајанов. За победничките решенија обезбеден е награден фонд од 3000 евра, кои ќе им послужат за имплементација на решенијата. -Ни беше чест и задоволство да учествуваме на ваков настан, преку смеа, дружба и напорна работа постигнавме нешто кое не доведе до врвот. Запознавме нови лица и научивме многу нови работи. Најважно, стекнавме добри искуства и нови пријателства и се надеваме дека нашето решение ќе биде од голема корист. Се надеваме дека ќе успееме да го реализираме тоа што сме го замислиле, велат од победничките тимови. Првиот хакатон за намалување на сивата економија во организација на АЕТМ се оддржа со поддршка од главниот партнер Mastercard, златните партнери Касис АД Скопје и НЛБ Банка АД Скопје, дигиталниот партнер - A1 Македонија, како и со поддршка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и на компаниите Ендава, Хаселт, Ред Бул, Кликни јади и Нескафе Македонија. сст/са/  

Остани поврзан