• четврток, 19 декември 2024

Избрани најдобрите раскази од првиот конкурс „Раскажувам фотографија“

Избрани најдобрите раскази од првиот конкурс „Раскажувам фотографија“
Скопје, 21 јануари 2021 (МИА) - Фондот на холокаустот на Евреите од Република Северна Македонија ги објави наградените автори на првиот  литературниот конкурс „Раскажувам фотографија“ - за раскази со  мотиви од предвоениот живот и страдањето на македонските Евреи. Организаторот соопшти дека конкурсот се потврдил како исклучително успешен зашто  пристигнале 138 литературни творби - најголем дел солидно напишани прози, а повеќе автори конкурирале со два или повеќе прилози. Тричлено жири - во состав Жаклина Мучева (претседател) и Гордана Ивановска-Велковска и Томислав Османли, три месеци работеле на селекција на расказите и  едногласно ги донеле одлуките за  трите награди за, како што се наведува во соопштенито - „најсупериорни раскази со изразити литературни градби и книжевни квалитети, од предложеното мноштво“. Првата награда ѝ припадна на прозата „Ѕвездата“ од Михајло Свидерски – поради драматиката на текстот набиен со внатрешен интензитет и остварена со врвна книжевна едноставност; втората награда е доделена на расказот „Ja vjeni dies“ на авторката Светлана Папачек - за мошне сугестивно раскажаната трагична приказна при што книжевниот сентимент не преминува во патетичност, и третата награда ѝ се доделува на книжевната творба „Метларот“ на Габриела Стојаноска-Станоеска - за квалитетото литераризирање и на еден мотив (и професија), кој израснува во крупна драматична метафора. -Ценејќи го исклучителниот креативен напор вложуван во текот на целиот конкурс низ учеството со многубројни творби пишувани со познавање факти од животот на Евреите во Македонија и на еврејската религија и култура, жирито го истакнува учеството на авторот Антонио Стојановски и му доделува Специјално признание за тоа негово обемно и посветено учество. Признанието се проследува со избор на книги во издание на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, соопшти Фондот на холокаустот на Евреите. Жирито посебно ги истакна и пофали книжевните квалитети и придонеси на финалистите на овој конкурс и за нив предлага доделување пофалници: Владимир Плавевски за расказот „Риболовци“, Билјана Лотеска за расказот „Недопеана песна“, Цвете Јовановска за расказот „Хана, девојчето со сини очи - Патување без враќање“ и Александра Ристовски за расказот „Мојот мост“. хс/дма/      

Остани поврзан