• сабота, 23 ноември 2024

Избрани девет судии на Европскиот суд на правдата 

Избрани девет судии на Европскиот суд на правдата 

Брисел, 2 октомври 2024 (МИА) – Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) денеска избра девет судии и еден бранител во Судот на правдата на Европската Унија. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Судот на правдата на ЕУ се состои од Општ суд, како прва инстанца, и Судот на правдата, како повисока инстанца. 

Согласно денешната одлука на Корепер, за судии во Судот на правдата беа именувани омбудсманот на данскиот Парламент, Нилс Фенгер, со мандат до 6 октомври 2027 година, и актуелниот судија во Трибуналот, Австриецот, Андреас Кумин, со мандат до 6 октомври 2030 година. 

За членови на Општиот суд беа именувани актуелниот судија, Словакот Јуриј Шварц и советникот за правда во Европскиот совет, Луксембуржанецот, Рафаел Мајер, и двајцата со мандат до 31 август 2028 година, како и францускиот државен советник Ерве Касањабер, со мандат до 31 август 2025 година. 

Новиот мандат на овие петмина судии почнува да тече од 7 овој месец. 

Корепер, исто така, за судии во Основниот суд, но со мандат од 1 септември 2025 до 31 август 2031 година, ги именува и актуелните судии во овој Трибунал, Ирците, Сузан Кингстон и Колм Мак Ајохед и Шпанците, Хозе Мартин и Перез де Нанкларес и Мигел Сампол Пукурул. 

Дополнително за генерален бранител во Судот на правдата беше назначен професорот по право на ЕУ и директор на Центарот за европско право при Кралскиот колеџ во Лондон, Италијанецот Андреа Бјонди, со мандат од 7 октомври 2024 до 6 октомври 2030 година. 

Именувањата ќе стапат во сила по објавувањето на одлуките на Корепер во Службениот весник на Европската Унија. сп/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан