• сабота, 23 ноември 2024

Избрана новата Влада на Република Северна Македонија

Избрана новата Влада на Република Северна Македонија
Скопје, 16 јануари 2022 (МИА) - Со 62 гласа „за“, 46 „против“ и без воздржани вечерва пред полноќ во Собранието избрана е новата Влада на Република Северна Македонија која ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски. -Легитимитетот на Владата е неспорен и со зголемената поддршка  на мнозинството одржлив во следните две и пол години. Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има, но, во 2024 година. Дотогаш ќе работиме посветено на унапредување на економијата и квалитетот на животот на граѓаните на државата, порача вечерва новиот премиер во завршното обраќање пред изборот на новата Влада. Тој додаде дека искрено верува оти опозицијата ќе биде конструктивна и ќе соработува во интерес на носење на најдобрите одлуки за државата и граѓаните.

-Работа започнуваме веднаш. Веќе на утрешната седница на Владата отпочнуваме со носење на решенијата за енергетскаста криза. Утре ќе остварам и средба со новата германска министерка за Европа со која ќе разговарам за забрзување на евроитнеграциите.  Веќе во вторник на мое големо задоволство ќе бидам домаќин на новиот бугарски премиер  Кирил Петков со кого сакаме да воспоставиме нова соработка базирана на почитување,  поддршка и зачувување на македонскиот идентитет, рече Ковачевски.

Најави дека Владата веднаш потоа ќе продолжи со решенија за зголемување на пензиите и за поддршка на куповната моќ на граѓаните. Ќе се посветиме, додаде, на ефикасна реализација и стимулирање на домашните јавни капитални и домашните и странски приватни инвестиции. Ковачевски нагласи и дека секој министер во својот ресор и целата влада имаат јасен и прецизен план за реализирање на поднесената програма со рокови и индикатори за следење на реализацијата и ефектите.  

-Најавив и нудам партиципативност  и уште еднаш ја повикувам целата опозиција за заедничка работа за клучните прашања. Нашите граѓани се обединети во барањата за подобар живот. За тоа единствено ќе работиме и бараме сите да ни се приклучите за да ја реализираме таа цел. Да престанат политичките, етничките и сите други поделби и заедно да работиме за решавање на клучните прашања, рече Ковачевски.  

Побара да се тргнат личните и теснопартиските интереси на страна, бидејќи, како што нагласи,  сега повеќе од било кога мора да соработуваат во интерес на граѓаните.

Во текот на собраниската расправа во изминатите два дена, пратениците од опозицијата истакнаа дека поединечните предлог-имиња во новата Влада се доказ дека СДСМ нема избор и иднина на која треба да и се верува. Рекоа дека таа нема легитимитет, и прогнозираа кусо траење, најавувајќи брзи предвремени парламентарни избори. Во дискусијата при крај на собраниската расправа за изборот на новата Влада пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Димитар Ковачевски, кој како премиер ќе ја води Владата, нема изборен легитимитет и тоа, нагласи ќе биде дополнителен хендикеп во неговата работа. - Владата на СДСМ и ДУИ не е решение за проблемите, бидејќи по пет години се гледа дека самата Влада е генератор на нови проблеми и кризи за граѓаните. Економска криза, здравствена криза, енергетска криза, топлинска криза, инфлациска криза, криза со пожарите, никој не сноси никаква одговорст и таа неодговорност ќе продолжи понатаму, нагласи Милошоски. Со ставот за нелегитимноста на новата Влада се согласува и пратеникот од Алијанса за Албанците Зијадин Села. Ние, рече вечерва тој, со полно право може да кажеме дека оваа Влада нема легитимитет, затоа што мандаторот и иден премиер не учествувал на непосредни избори. На ова реплицираше пратеникот од ДУИ Арбр Адеми, кој нагласи дека Села нема право за зборува за некаков легимитет, затоа што граѓаните не и веруваат на неговата партија. Постојано ги губите гласовите, рече, народот не ви дава поддршка и затоа не можете да барате власт и да зборувате за легитимност. Од владејачките партии, пак, сметаат дека се реализирани сите ветувања, дека успешно се справила со здравствената криза, и економската што произлезе од неа. Оваа Влада го има легитимитетот и кредибилитетот, кој го црпи од последните парламентарни избори, на кои мнозинството даде потврда, нагласија тие. Во обраќањето пред гласањето на Владата пратеникот од СДСМ Јован Митрески се осврна и на обвинувањата на пратениците од опозицијата во однос на легитимитетот на новата Влада. -За мене политички фолклор е кога некој го оценува политичкиот легитимитет на мандатарот Ковачевски да ја води Владата затоа што не излегол на избори. Или политички фолклор е дека победата на локални избори треба да предизвика парламентарни избори. Тоа го нема никаде во светот. Или пак, да продолжам на ист начин, бидејќи се врзуваат локалните избори со избор на влада, да прашам, па вие тоа што го зборувате, што уште седите уште во пратеничките клупи? Нека дојдат градоначалниците и советниците, нека седнат на вашите места и тие нека носат закони, тие нека избираат влада. Во светот има бројни примери каде опозицијата добива локални избори, па никаде не чувме дека некој го спорел легитимитетот на Владата и парламентарното мнозинство, порача Митрески. Овој владин кабинет што беше изгласан во Собранието ќе има еден член повеќе од претходниот - министер без ресор за дијаспора, место што и припадна на Алтернатива.
Ковачевски ќе има четворица заменици, Артан Груби (ДУИ) - прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска (СДСМ) - вицепремиер за борба против коруција и криминал, Бојан Маричиќ (СДСМ) – вицепремиер за европски прашања и Фатмир Битиќи (СДСМ) - вицепремиерот за економски прашања.
За членови на Владата се избрани: Оливер Спасовски (СДСМ) – министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска (СДСМ) – министерка за одбрана, Никола Тупанчевски (предложен од СДСМ) - министер за правда, Благој Бочварски (СДСМ) – министер за транспорт и врски, Љупчо Николовски (СДСМ) – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство,  Јована Тренчевска (СДСМ) – министерка за труд и социјална политика и Бисера Костадиновска Стојчевска (СДСМ) – министерка за култура, Горан Милевски (ЛДП) - министер за локална самоуправа,  Беким Сали од Алтернатива – министер за здравство, Јетон Шаќири (ДУИ) – министер за образование и наука,  Бујар Османи (ДУИ) – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими (ДУИ) – министер за финансии, Крешник Бектеши (ДУИ) - министер за економија, Насер Нуредини (ДУИ) - министер за животна средина, Адмирим Алити од Алтернатива, министер за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи од Алтернатива - министер без ресор задолжен за дијаспората. По нивниот избор во Собранието, премиерот и останатите членови на Владата дадоа свечени изјави. Бидејќи Славјанка Петровска и Бисера Костадиновска - Стојчевска од СДСМ беа избрани за министри во новата Влада, Собранието им го констатираше престанокот на нивниот пратенички мандат. Со оглед на тоа што тие беа избрани за пратеници од листа на кандидати, потребно е Државната изборна комисија да го извести Собранието за кандидати од овие листи на кои треба да им се верификува мандатот за пратеник согласно Изборниот законик. На дводневната собраниска седница за избор на новата Влада 35 пратеници имаа збор, од кои 18 од опозицијата и 17 од парламентарното мнозинство. Имаше вкупно 63 реплики. сст/бк/

Остани поврзан