• среда, 25 декември 2024

Изборниот штаб на Харис го обвини Трамп дека се обидува да ги промени условите на дебатата во своја корист

Изборниот штаб на Харис го обвини Трамп дека се обидува да ги промени условите на дебатата во своја корист

Вашингтон, 3 август 2024 (МИА) - Изборниот штаб на Камала Харис, американската потпретседателка и најверојатна кандидатка на демократите на претстојните избори во ноември, денеска го обвини поранешниот американски претседател и републикански кандидат Доналд Трамп дека се обидува да ги промени условите на дебатата за Еј-Би-Си Њуз, закажана за 10 септември, за да создаде опкружување за дебата што може да му даде предност.

Трамп вчера на неговата платформа Вистина (Truth Social) објави дека се договорил со Фокс Њуз да се одржи дебата на 4 септември, со присуство на модераторите на телевизијата и публика, пренесе Си-Ен-Би-Си (CNBC).

Трамп притоа оцени дека актуелниот судски спор со Еј-Би-Си Њуз претставува „конфликт на интереси“.

-Доналд Трамп е исплашен и се обидува да се повлече од дебатата на која веќе се согласил и потрча директно до Фокс њуз да го спасат, рече Мајкл Тајлер, портпарол на кампањата на Камала Харис.

Според Тајлер, Трамп „треба да престане да игра игри и да се појави на дебатата на која веќе се обврза на 10 септември“.

Тимот на кампањата на Трамп не одговори веднаш на барањето за коментар на нападот од кампањата на Харис.

Неколку дена откако актуелниот американски претседател Џозеф Бајден се откажа и ја поддржа Камала Харис за кандидатка на демократите, Трамп изјави дека е подготвен повеќе пати да дебатира со американската потпретседателка, но подоцна изјави дека ќе учествува во дебатата само откако демократите официјално ја номинираат за кандидатка. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан