• четврток, 26 декември 2024

ИЗБОРИ 2024/ Адеми: Барањето за избор на претседател на државата во Собранието останува и при составувањето на идната влада

ИЗБОРИ 2024/ Адеми: Барањето за избор на претседател на државата во Собранието останува и при составувањето на идната влада

Скопје, 27 февруари 2024 (МИА) - Потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција, Арбр Адеми на денешната прес-конференција, заблагодарувајќи им се на граѓаните, кои се потпишале на кандидатурата на Бујар Османи за претседател на државата, истакна дека барањето на ДУИ претседателот на државата да се бира во Собрание ќе остане и при составувањето на идната влада.

-Ова барање ќе биде и по првиот и вториот круг на претседателските избори, и по парламентарните избори, и при составување на владата. Така што, овие вакви и слични изјави сме ги слушнале и кога сме го промовирале концептот за прв премиер Албанец. Ама тоа се оствари. Ние мислиме дека ова е многу прогресивна идеја водејќи се од причини кои веќе ги наведов. И заштеда на буџетски средства, но и да се спречи заморот на граѓаните од учеството и во собирањето на потписи и во учеството на кампањата за функцијата претседател на држава. Имајќи предвид дека сме парламентарна демократија логично би било претседателот на државата да се избере во Собрание, рече тој.

Ова, посочи тој, ќе овозможи претседател со целосен легимитет, заштеда на над 20 милиони евра во државата, десетици илјади граѓани ќе бидат поштедени од процесот на собирање потписи, сите граѓани исто така ќе бидат поштедени од кампањата и учеството на изборите за протоколарна функција.

Адеми нагласи дека не е прогресивно ако се твреди дека една државна функција е резервирана само за една етничка заедница, а при тоа да не се води сметка за квалитетот.

-Не, не е прогресивно ако велиме дека една државна функција е резервирана само за една етничка заедница, а без да водиме сметка за квалитетот. Често пати има изјави до кога со етнички квоти, нели? Имало изјави кога ќе се фокусираме на квалитет? Ете, најквалитетен претседателски кандидат имаме сега, зошто не би била прогресивна оваа идеја и зошто не би била прогресивна ако претседателот на државата како и во другите парламентарни демократии биде избран во Собранието, а не на непосредни избори имајќи ги предвид и уставните норми, каде што за да имаме успешен претседателски изборен циклус навистина треба големи напори – цензусот на првиот круг и цензусот за успешни претседателски избори на вториот круг, истакна Адеми.

Додаде дека поради тоа уставните измени претходно биле во оваа насока особено за вториот изборен круг - од 50 проценти излезност на 40 проценти излезност. Смета дека доколку претседателот на државата се избира во Собранието ќе се обезбеди општествен консензус, бидејќи таму учествуваат партиите, кои ги избрале граѓаните, а со бадентеровото мнозинство ќе се обезбеди и меѓуетнички консензус.

-Легитимитетот на тој претседател, кој ќе се избира во Собранието со двојно мнозинство и со двотретинско и со бадентерово мнозинство ќе биде многу, многу поголем отколку легитимитетот добиен со 41, 42 отсто од вкупниот број на гласачи во избирачкиот список. Затоа тука ја гледаме прогресивноста на оваа идеја, рече тој.

Адеми потенцира дека Арбен Таравари е разрешен во својата матична партија и смета дека нема кредибилност да се  претставува како личност која е обединувачка во целото општество. 

-Најпрвин, г. Таравари е разрешен во својата матична партија и затоа цениме дека нема кредибилитет да претставува личност која е обединувачка во целото општество. Во неговата партија е разрешен и од Централното собрание, но и на Конгрес. Секако тоа се внатрепартиски процеси и нам како друга политичка партија, ДУИ тоа не не засега, но личноста која што не може да обезбеди консензус во својата матична партија не може да обезбеди консензус и пошироко кај целата јавност, така што ние му посакуваме успешен процес на собирање на потписи, Сметаме дека  Бујар Османи е на сосема друго ниво, сосема друг профил на политичар, европски политичар кој достоинствено ја претставувал и ја претставува државата на меѓународно ниво, а за тоа говори и државниот секретар на САД Блинкен и Министерскиот совет на ОБСЕ, кој се организираше во Скопје. Од осамостојувањето до сега немало таков меѓународен настан кој се организираше под покровителството на Бујар Османи, рече Адеми.

На прашањето дали Османи ќе се откаже од министерската функција кога сега официјално влегува во трката за претседател, Адеми истакна дека нема никаква уставна или законска пречка во овој процес тој да биде во функцијата на министер за надворешни работи и да учествува на претседателските избори.

-Претседателските избори се совпаѓаат со парламентарните, така што нема никаква уставна или законска пречка во овој процес, тој да биде во функцијата на министер за надворешни работи, а во меѓувреме да учествува во трката за претседателски избори. Како да бараме сега и од сегашниот претседател Пендаровски да даде оставка за да учествува на претседателските избори, така што тоа нема логика, рече тој.

Адеми соопшти дека измената на Уставот и начинот за избор на претседател ќе бидат главните теми на кои ќе се фокусира ДУИ за време на претседателските и парламентарните избори.

-Нашето главно ветување е измена на Уставот и за начинот за избор на претседател, но и за задоволување или исполнување на обврската која ја имаме во евроинтегративниот процес, а секако дека со тек на времето, веќе е финализирана нашата програма за учество на парламентарните избори, така што пред јавноста како и секогаш, како и сега ги презентираме нашите програми, рече Адеми. фф/ац/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан