• среда, 25 декември 2024

Избори во Унгарија: Според прелиминарните резултати, голема предност на партијата на Орбан

Избори во Унгарија: Според прелиминарните резултати, голема предност на партијата на Орбан
Будимпешта, 3 април 2022 (МИА) - Владејачката партија Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан има голема предност пред своите опозициски ривали, според делумните резултати од парламентарните избори одржани денеска во Унгарија. Прелиминарните резултати по пребројани 23 отсто од гласовите на националните партиски листи покажаа дека Фидес има 60 отсто од гласовите, во споредба со 29 отсто за Сојузот на шест опозициски партии. Фидес има предност и во повеќето изборни единици каде што се избира еден пратеник, покажуваат привремените резултати. Резултатите од изборите ќе бидат објавени кога ќе се пребројат гласовите во сите изборни единици.
Во 19 часот официјално заврши гласањето за парламентарните избори во Унгарија.
Во Будимпешта се гласаше во 3.154 избирачки места и 23 области, јави агенцијата МТИ.
На изборите во Унгарија актуелниот премиер Виктор Орбан ќе се обиде да го освои четвртиот последователен мандат.
Кандидат на опозицијата за премиер е Петер Марки-Зај, кој во моментов е градоначалник на Ходмезевашархел, град во јужна Унгарија.
Коалицијата Обединети за Унгарија, која обединува шест опозициски партии со широк политички спектар – од либералите, преку центарот, до десното крило, ги здружи силите за да ја собори десничарската Фидес.
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) испрати мисија за набљудување на изборите во Унгарија, вклучувајќи 18 долгорочни набљудувачи и 200 други на денот на изборите. паг/

Остани поврзан