• сабота, 23 ноември 2024

Изборите во САД поставуваат нов рекорд со речиси 16 милијарди долари потрошени на кампањи

Изборите во САД поставуваат нов рекорд со речиси 16 милијарди долари потрошени на кампањи

Вашингтон, 5 ноември 2024 (МИА) - Претседателските избори во САД во 2024 година, кои се одржуваат денеска, се очекува да станат најскапи во историјата, со вкупно 15,9 милијарди долари собрани во донации. Оваа сума, која ги опфаќа и конгресните избори, го надминува рекордот од 15,1 милијарда потрошени во 2020 година и е повеќе од двојно зголемена во однос на 2016 година, кога беа потрошени 6,5 милијарди, според непрофитната организација OpenSecrets.

Во жестоката претседателска трка, потпретседателката Камала Харис се истакна како лидер по собирање на средства. Нејзината кампања директно собрала над една милијарда долари, од кои 40 отсто доаѓаат од мали донатори, со дополнителни 586 милиони долари од политички комитети кои ја поддржуваат.

Кампањата на Доналд Трамп, пак, собрала 382 милиони долари директно, со 28 отсто од мали донатори, додека соодветни комитети донирале уште 694 милиони долари.

Најголемиот донатор е 82-годишниот наследник Тимоти Мелон, кој донирал 197 милиони долари за Трамп и републиканските цели. Меѓу другите главни поддржувачи на Републиканците се Ричард и Елизабет Вилхен од индустријата за пакување, казинскиот магнат Миријам Аделсон, извршниот директор на Tesla и SpaceX, Илон Маск, и инвеститорот Кенет Грифин – сите со донации над 100 милиони долари.

Од страна на Демократите, Мајкл Блумберг се истакнува како најголем донатор, со околу 93 милиони долари донации, додека Џорџ Сорос донирал 56 милиони долари преку својот политички комитет.

Во целина, 10,5 милијарди долари се потрошени на реклами за трки од претседателско до локално ниво, според податоци од компанијата за следење реклами AdImpact.

Кампањите на Харис и Трамп потрошиле 2,6 милијарди долари на реклами од март до 1 ноември. Демократите потрошиле 1,6 милијарди, додека Републиканците вложиле 993 милиони долари. Темите на Харис биле даноците, правото на абортус, економијата и здравството. Трамп се фокусирал на имиграцијата, инфлацијата, криминалот и економијата.

Пенсилванија води со најмногу вложени средства во кампањата со 264 милиони долари, следена од Мичиген со 151 милион и Џорџија со 137 милиони долари. Вкупно, Пенсилванија е на врвот со 1,2 милијарди долари потрошени на сите изборни трки, вклучително и локални.

И покрај преминот на дигитална забавна содржина, дигиталните платформи добиле 419 милиони долари за претседателски реклами, што е само 17 проценти од вкупното трошење.

На платформите на Meta (Facebook и Instagram), Демократите потрошиле повеќе од Републиканците, 132,4 милиони долари наспроти 24,7 милиони, додека на платформата Икс (X), Републиканците предничат со 1,1 милион долари наспроти 150.000 долари на Демократите, според AdImpact. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан