• среда, 25 декември 2024

Воведен изборен предмет по македонски јазик и култура на кинескиот Универзитет за економија и право

Воведен изборен предмет по македонски јазик и култура на кинескиот Универзитет за економија и право

Скопје, 15 март 2024 (МИА) - Изборен предмет по македонски јазик и култура е воведен на кинескиот Универзитетот за економија и право кој има за цел да ги запознае студентите со богатата култура, јазикот, традициите и културното наследство на Северна Македонија. Досега 200 студенти се пријавиле.

На свечената промоција на новиот изборен предмет на Универзитетот за економија и право во Кина, на 26 февруари кинескиот амбасадор во земјава, Џанг Зуо и амбасадорот на Северна Македонија во Кина, Сашко Насев имаа обраќање преку видео врска. 

Амбасадорот Џанг Зуо рече дека се надева оти студентите ќе учат за јазикот и културата на Северна Македонија, промовирајќи ги заедничките вредности на мирот, правдата, демократија и слободата за целото човештво.

Амбасадорот Насев во своето обраќање ја истакна важноста на македонскиот јазик. Тој додаде дека македонската култура има многу репрезентативни и посебни народни обичаи, како и нематеријално културно наследство. Тој го пофали интересот на учениците за македонскиот јазик и култура, и ги охрабри да учат посветено. Тој се надева дека кинеските студенти ќе имаат можност да ја посетат Северна Мекдонија.

Предметот македонски јазик и култура го предава професорката Фросина Виткоска од Факултетот за странски јазици.

Воведувањето на овој предмет има за цел да ги запознае студентите со богатата култура, јазикот, традициите и културното наследство на Северна Македонија. Преку овој курс студентите ќе стекнат подлабоко разбирање за основите на македонскиот јазик, граматиката, вокабуларот и разговорните вештини, како и запознавање со македонските обичаии, традиции и уметничките манифестации. бт/ац/

Остани поврзан