• четврток, 19 декември 2024

Иднината на енергетската независност е во обновливи извори на енергија, порача Ковачевски

Иднината на енергетската независност е во обновливи извори на енергија, порача Ковачевски
Скопје, 24 ноември 2022 (МИА) - Северна Македонија заедно со Грција и Бугарија работи на изградба на терминал за течен природен гас во Александруполис, со што ќе се обезбеди дополнителна диверзификација на снабдувањето со гас и ќе овозможи негово пристигнување од други држави, како што се САД, Катар, Алжир, информираше премиерот Димитар Ковачевски. Според него, иднината и за енергетската трансформација и за енергетската независност е во обновливите извори на енергија. Премиерот денеска на пратеничко прашање од Лолита Ристова од СДСМ напомена дека триесет години не е инвестирано во ниту еден енергетски капацитет во државата, а исто така не е инвестирано ниту во електропреносната мрежа во државата. Тоа се, како што рече, двете области во кои мора да се прават сериозни инвестиции. - Со војната во Украина се променија приоритетите на државите во светот и во Европа, а енергетиката стана една од клучните теми на кои е фокусиран целиот свет. Оваа војна не натера да размислуваме долгорочно за решенија кои ќе ни овозможат справување со енергетската криза, која последната година ја погоди Европа, но и светот, но и да разговараме за краткорочни мерки како да ја менаџираме кризата, рече Ковачевски. Според премиерот, ова е одлична можност да се искористат ресурсите од зелена енергија со кои располагаат земјите од Балканскиот Полуостров, особено нашата држава, но и одлична можност целиот регион да се развива како нова енергетска сила. - Најголемиот удар врз дисбалансот на пазарот на електрична енергија дојде по војната во Украина, што предизвика недостиг на енергенси во Европа и тоа пред се на гасот, од кој што зависи и производството на електрична енергија и снабдувањето со електрична енергија. Во такви услови, во време кога се случуваат меѓусебно поврзани кризи, нашите активности треба да се базираат на три принципи - а тоа се соработка, инвестиции и солидарност. Енергетската криза, која е најголема, ја погодува економијата, бизнис секторот, граѓаните, рече Ковачевски. Тој потенцираше дека регионот може да ја надмине енергетската криза само со тесно координиран пристап за енергетска диверзификација, како и со забрзување и воведување на капацитети за производство на енергија од обновливи извори на енергија, но и извори на енергија за базична енергија, односно нови енергетски капацитети. Ковачевски рече дека во фаза на финализирање се преговори со неколку стратешки инвеститори за инсталиран капацитет до еден гигабат енергија од обновливи извори за градба на фотонапонски централи, ветерни централи, како и комбинирана гасна централа со реномирани европски компании од Франција, Германија и Грција. - За време на мојот мандат имаме пуштено во употреба 27 мегавати фотонапонски централи во државата, што е повеќе за 11 мегавати од она што беше направено за 11 години на минатата власт. Јасно е дека во време на криза, ја гледам можноста на претворање на нашата држава во центар за зелена енергија, што ќе го снабдува со струја не само нашиот пазар, туку и регионот и пошироко, додаде Ковачевски. бт/сп/

Остани поврзан