• сабота, 16 ноември 2024

Игор Филков за правда и Горан Минчев за јавна администрација – кандидати на ЗНАМ за министри во новата влада

Игор Филков за правда и Горан Минчев за јавна администрација – кандидати на ЗНАМ за министри во новата влада

Скопје, 14 јуни 2024 (МИА) - Игор Филков е кандидат на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија за министер за правда, а Горан Минчев кандидат за министер за јавна администрација. Имињата за членови на новата влада од партијата на Максим Димитриевски биле утврдени едногласно на седница на партискиот Централен одбор вечерва, каде што била усвоена одлуката за партиципирање на ЗНАМ во Владата.  Одлуките на прес-конференција го соопшти Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ. 

Кандидатот Игор Филков (роден во Скопје, 1979) е правник, приватен стопанственик, претседавач на ЦО на ЗНАМ и член на Извршниот одбор на партијата. 

Кандидатот Горан Минчев (роден во Скопје, 1972) е економист, генерален секретар на ЗНАМ и поранешен пратеник, ексдиректор на СОЗР во Владата (2003-2006) и поранешен заменик-директор во ЈП Водовод и канализација.

Преговорите со коалициските партнери во идната влада, рече Мемов, продолжуваат и за две заменик министерски места, но ресорите не се дефинирани и нема конечен договор. 

Исто така, ЗНАМ ќе преговара и за државни секретари во министерствата и за позиции во пониските ешалони односно за директорски функции.

Соопштувајќи ги одлуките на седницата на Централниот одбор, Мемов истакна  дека во текот на преговорите е усвоена политичката платформа, стратешките определби, политичките начела и се утврдени конкретните програмски определби на ЗНАМ кои ќе бидат составен дел од владината програма.

Ги посочи основните столбови на кои ќе се темели партиципирањето на ЗНАМ во идната влада и визијата на нивната партија за европска, демократска и модерна држава, како што рече, „втемелена на илинденските и асномскиите вредности“, која ќе биде самоодржлива и во која столб ќе бидат стабилните меѓуетнички односи. 

-Интегрирање во Европската Унија на достоинствен начин, со почитување на македонскиот национален идентитет, јазик, култура и вековна национална историја во согласност со критериумите од Копенхаген на начин на кој членството го обезбедиле сите земји членки. Република Македонија како држава што испорачува правда за сите граѓани, која промовира нулта толеранција кон политичкиот криминал, корупцијата и ефикасна борба против организираниот криминал, рече Мемов вечерва на прес-конференција. 

На седницата на Централниот одбор била донесена одлука и за формирање нови општински организации на партијата.

Движење ЗНАМ – За наша Македонија на Парламентарните избори минатиот месец освои шест пратенички места во Собранието, а поптпретседателката на партијата, Весна Бендевска, е една од тројцата потпретседатели на Парламентот. хс/бт/

Фото: МИА/ ЗНАМ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан