• среда, 13 ноември 2024

Игли Хасани: Косово изгуби историска можност, да се заложи за исполнување на обврските за членство во СЕ

Игли Хасани: Косово изгуби историска можност, да се заложи за исполнување на обврските за членство во СЕ

Приштина, 17 мај 2024 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Албанија, Игли Хасани вели дека Косово изгуби историска шанса со тоа што не беше вклучено во агендата на Комитетот на министри на Советот на Европа, но ѝ порача на Владата во Приштина да се заложи за исполнување на обврските што ги презела, со цел наскоро да се свика нова седница за прием на Косово во СЕ.

Во објава на платформата Х, што ја пренесуваат медиумите во Приштина, Хасани рече дека покрај напорите за исполнување на преземените обврски, Владата треба да се заложи и за одржување на уште еден состанок на Комитетот на министри на Советот на Европа во блиска иднина.

„Неуспехот да се одлучи за членството на Косово во Комитетот на министри на Советот на Европа во петокот претставува изгубена историска можност Косово да добие заслужено место на маса и посилен глас во обликувањето на обединета и демократска Европа. Неопходно е Владата на Косово да дејствува брзо за да ги исполни преземените обврски и да се ангажира конструктивно со меѓународните партнери и сојузници. Потоа треба да следат колективни напори за одржување на уште еден Комитет на министри во блиска иднина“, напиша албанскиот министер за надворешни работи.

Според Хасани, „сите мора да дејствуваме брзо за да го исполниме она што му го должиме на народот на Косово!“.

Парламентарното собрание на СЕ на 16 април годинава го усвои извештајот на известувачката за Косово, Дора Бакојани, во кој се препорачува членство на Косово во таа меѓународна организација без никакви услови.

По гласањето во ПС на СЕ, остана уште Комитетот на министри на земјите членки да гласаат за Косово да биде примено во членство на организацијата, а тоа се очекуваше да се случи на годишното Собрание кое се одржува вчера и денеска, 16 и 17 мај, во Стразбур.

Неколку земји сојузнички на Косово, меѓу кои Соединетите Американски Држави, Германија и Франција, побараа од Владата на Албин Курти да преземе конкретни дејствија во правец на основањето на Зеаедницата на општини со срспско мнозинство, по што приемот во СЕ би бил гарантиран. Курти одби да го стори тоа, тврдејќи дека Приштина ги исполнила сите барања поставени претходно од СЕ, а Заедницата досега не била услов за зачленување во организацијата.

Сепак, вчера министерката за надворешни работи на Косово, Доника Грвала информира дека е испратено писмо до СЕ во кое се најавува дека Владата во Приштина до крајот на месецов ќе достави пред Уставен суд свој нацрт за ЗСО. Меѓутоа, како одговор на писмото на Грвала, германската амбасада во Косово, повикувајќи се и на другите земји од групата Квинта - САД, Велика Британија, Франција и Италија - објави дека нивното барање беше нацрт-статутот, и тоа оној изготвен од експерти на ЕУ, да се достави до Уставниот суд пред состанокот на Комитетот на министри на СЕ. иа/
 

 
 

 

 

Остани поврзан