• четврток, 26 декември 2024

Иванов: Се исполнува визионерскиот став на Кисинџер дека за конфликтот во Украина кога тогаш мора да почне дијалог

Иванов: Се исполнува визионерскиот став на Кисинџер дека за конфликтот во Украина кога тогаш мора да почне дијалог

Скопје, 15 декември 2023 (МИА) - Хенри Кисинџер важи за комплексна и контроверзна личност која ја одбележа дипломатијата на 20 век, но и почетокот на 21 век. За осум години поминати како советник за национална безбедност и државен секретар од 1969 до 1977 година Кисинџер ќе постигне нешто што ќе го промени 20 век, а ќе биде активен до последен момент. Ќе ни остави пораки и во 21 век кои допрва треба да се протоколкуваат.

Ова меѓу другото го истакна поранешниот претседател Ѓорги Иванов на Амбасадорска трибина насловена „Светот по Хенри Кисинџер – геополитички предизвици“ што се одржа денеска во Скопје, во организација на Советот на амбасадори и неговиот кабинет, по повод смртта на неприкосновениот американски дипломат.

Тој рече дека заслуга на Кисинџер беше отворањето на САД кон Кина, политиката на детант кон Советскиот Сојуз и како Америка го создава геополитичкиот триаголник, кој ние го знаеме денес како Студената војна. Како припадник на реалистичната школа во меѓуанродните односи, тој стоеше зад доктрината која поаѓа од голата сила - доколку имате баланс меѓу големите сили тогаш ќе постигнете мир, а оти малите земји не се битни, тие се декор. 

Контроверзи предизвика и неговата изјава дадена во Давос, 2022 година во однос на руската инвазија на Украина, потсети Иванов, дека сепак треба да се почнат преговори и дека Украина треба да се откаже од дел од територијата за да се постигне мир, инаку, може да се случи да ја снема и како држава, а што доведе до големи протести од украинска страна.

-Но како се одвиваат работите, гледаме дека Кисинџер е визионер и Американксата ТВ НБЦ веќе објави дека има тајни преговори меѓу високи воени претставаници на Америка со Русија, дека тие се сретнале и со Лавров и дека на некој начин има почеток на подготовка  на некој дијалог кој мора кога тогаш да се отпочне. Тоа укажува на тоа дека Кисинџер гледал многу понапред од „јастребите“ на американската дипломатија, кои не го почитуваат мислењето на Кисинџер, вели Иванов.

Кисинџер имал и многу негативен однос кон ЕУ и сметал дека со јакнење на суверенизмот, на суверенитетот на големите држави и слабеењето на влијанието на Брисел на меѓународните настани, дека Европа и нејзината администрација го губи значењето во геополитичките и геостратешките нови прегрупирања. Иванов кој и самиот имал можност во два наврата да разговара со него, вели дека Кисинџер имал симпатии кон земјава.

-Точно е тоа дека се залагал дека треба да постоиме, дека сме некаков баланс во самата јужна Европа и дека постоењето на Македонија е некаква гаранција, вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов. 

Филипов кажа и дека не се согласува со ставот на Кисинџер за Европа, и смета дека Европа е најуспешниот проект на човештвото во последните 80 години, а нашето место, е вели, таму.

Кисинџер меѓу другото бил импресиониран и од Вештачката интелигенција и ќе оцени дека со нејзината појава завршува моќта на просветителството, односно дека човековиот ум веќе не е фактор, фактор станува вештачката интелигенција.

Запрашан во однос на промената на името на државата, Иванов кажа дека прашањето е за нас премногу емотивно, а позадината е геополитика и геостратегија.

-Тој не е ниту политички ниту правен туку комерцијален процес. Во прашање се големи пари, а новинарите нека истражуваат која е сумата што е платена за да се промени името, да се откажеме од најскапиот бренд во историјата на човештвото кој сега носи приход на друга земја, рече Иванов, и како што кажа, „ако прашате било кој упатен во грчка политика ќе ви каже сума од 150 милиони евра“.

Хенри Кисинџер, американски дипломат, политиколог, геополитички консултант и политичар, почина на 29 ноември годинава на возраст од 100 години. Беше советник за национална безбедност и државен секретар од 1969 до 1977 година во времето на администрацијата на претседателите Ричард Никсон и Џералд Форд.

Беше заговорник на реалолитиката во меѓународните односи и се смета дека суштински придонел за попуштање на затегнатоста во односите меѓу САД, Советскиот Сојуз и Кина во текот на 70-те години од минатиот век, како и за смиривање на израелско-арапските тензии. Добитник е на Нобеловата награда за мир (1973 г.). вг/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан