Иванов: Денешниот свет се соочува со криза на системите и на значењата, наша задача е да го преосмислиме меѓународниот поредок
- Во време кога старите идеи веќе не се доволни, да се слушнат новите гласови не е само прашање на интелектуална правда, туку и на опстанок. Нам ни е потребна генерација која умее да живее со сета сложеност и комплексност која ја имаме денес. Да мисли со емпатија и да дејствува со визија. Таква генерација ќе може да изгради нов поредок, не како повторување на старото, туку како автентичен одговор на нашето време. Ако не учиме од минатото, ќе го повторуваме, ако не ја изградиме иднината, ќе ја изгубиме, порача поранешниот претседател Ѓорге Иванов на денешната конференција „Дијалог за единство и мир: Сеќавање на минатото, обликување на иднината“.

Скопје, 8 април 2025 (МИА) - Во време кога старите идеи веќе не се доволни, да се слушнат новите гласови не е само прашање на интелектуална правда, туку и на опстанок. Нам ни е потребна генерација која умее да живее со сета сложеност и комплексност која ја имаме денес. Да мисли со емпатија и да дејствува со визија. Таква генерација ќе може да изгради нов поредок, не како повторување на старото, туку како автентичен одговор на нашето време. Ако не учиме од минатото, ќе го повторуваме, ако не ја изградиме иднината, ќе ја изгубиме, порача поранешниот претседател Ѓорге Иванов на денешната конференција „Дијалог за единство и мир: Сеќавање на минатото, обликување на иднината“.
Конференцијата е организирана од Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во соработка со Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите (ICAC) и Алумни асоцијацијата Иванов Школа за млади лидери (ISLAA), а се одржува во Скопје.
Според Иванов, историјата не учи дека цивилизациите не бираат кога ќе ја изгубат моќта, туку кога ќе ја изгубат способноста да слушаат. Тој е на ставот дека светот бара реформа на институциите, од Обединетите Нации, Меѓународниот монетарен фонд, Светската трговска организација, затоа што тие мора да ја одразат реалноста на мултипоралниот свет.
- Си го поставуваме прашањето, дали живееме во свет ослободен од војни, неправди и страв или пак историските грешки повторно ни се закануваат? Дали визијата на победниците од 1945 година веќе почнува да избледува? Очигледно е дека војните не исчезнаа. Тие само ја сменија својата форма. Станаа потивки, но постојани. Од Кореа до Виетнам од Југославија до Сирија, од Украина до Блискиот Исток, конфликтите продолжуваат. Денес сме сведоци на нови геополитички тензии, на судири што не потсетуваат на стари опасности, рече Иванов.
Тој е на ставот дека за жал, не изградивме свет без војни и дека живееме во свет кој повеќе не е еднополарен, но кој се уште се прашува каков сака да биде.
Во оваа противречност, како што рече, се наоѓа нашата задача, да го преосмислиме меѓународниот поредок, да создадеме рамка во која цивилизацијата секоја култура и секој народ ќе се чувствува слушнат, признаен и одговорен.
- Токму ова е и улогата на Алијансата на цивилизациите. Денешниот свет се соочува со поликриза. Не само како криза на системите туку и на значењата. Тоа е сигнал дека старите парадигми се исцрпени, дека доминантниот светоглед не само што не нуди решенија, туку и сам создава нови проблеми. Се чувствува недоверба, замор па и отпор кон западната визија за светот. Но, во тој вакуум се појавуваат нови идеи, мислења и движења, додаде Иванов.
Како што додаде, и од Западот и од незападниот свет, се појасно се слушаат гласови кои бараат порамноправен, поетички и поинклузивен свет.
- Овие мислители не повикуваат на конфронтација, туку на дијалог. Дијалог не само како културна размена за елитите, туку како политичка нужност. Дијалог, кој признава дека светот веќе нема само еден центар. Дијалог, кој гради плурална коалиција на визии за човечкото достоинство. Зошто е ова важно? Затоа што постојниот модел на хегемонија, културна доминација и економска нерамнотежа е веќе во криза. Затоа што светот бара реформа на институциите, од Обединетите Нации, Меѓународниот монетарен фонд, Светската трговска организација, затоа што тие мора да ја одразат реалноста на мултипоралниот свет, рече Иванов.
Според него, ако сакаме свет со повеќе гласови, мора да прифаќаме и туѓи вистини. Мора да ја напуштиме логиката на цивилизациската конкуренција и да прегренеме свет на логика за нашата заедничка судбина.
Академик Катица Ќулавкова е на ставот дека кога се радикализираат идентитетските конфликти, всушност се актуелизира некој облик на културен хегемонизам и територијален неоколонијалинизам.
-Нарцистичките наративи се злоупотребуваат за политички цели, со хегемонистичка главно и колонијална позадина. Тие се сериозна индиција за важни геостратешки и геополитички претензии. Ирационалните вербални ривалства завршуваат често со жестоки конфликти, со културоцид и етноцид, па и геноцид некаде, и во крајна линија со ревизија на постојната геополитичка мапа на даден регион, додаде Ќулавкова. бт/бак/
Фото: МИА