• вторник, 24 декември 2024

Ивановска: ДКСК има забелешки на начинот на кој е избиран новиот шеф на ОЈО ГОКК

Ивановска: ДКСК има забелешки на начинот на кој е избиран новиот шеф на ОЈО ГОКК
Скопје, 9 ноември 2022 (МИА) - Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) има забелешки за начинот на кој се избираше првиот човек во Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), изјави денеска претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, посочувајќи дека тоа што во јавноста излегоа фотографии на новиот шеф на Обвинителството, Ислам Абази со првите луѓе на ДУИ, остава простор да се верува дека „постоело некакво влијание“. - Да се надеваме дека новиот шеф на Обвинителството ќе застане на патот на криминалот и корупцијата, меѓутоа секако имаме забелешки за начинот на кој се избираше. Отсекогаш се бараат некакви механизми за подобар избор, еве сега се даде шанса сите обвинители на демократски начин да гласаат и тоа е во ред. Од друга страна, по мене, се заборави на критериумите за квалитет на оценките што ги дава Советот на јавни обвинители и на Програмата за работа, а сето тоа се елементи што ќе дадеа појасна слика за кој човек се работи, каква позадина има во својот професионален дел од работата. Така сликата ќе ни беше поцелосна, изјави Ивановска. Претседателката на ДКСК вели дека не можат да кажат дали некој им наметнал на обвинителите како да гласаат, меѓутоа, како што рече, во отсуство на некои од критериумите се остава простор да помислат дека постоело некакво влијание. - Во отсуство на сите овие работи што ги набројав, останаа сликите со блиски лица во партијата, што остава простор да веруваме дека постоело некакво влијание. Доколку е тој човек со интегритет може да се избори и да докаже дека е тој што ќе го среди Обвинителството. Всушност треба да му дадеме простор на човекот, но сликата до сега не е поволна. Тој треба да вложи многу повеќе енергија за да докаже дека има интегритет и има енергија да се избори со корупцијата, рече Ивановска. Прашана дали ДКСК ќе реагира на отсуството на критериуми што ги посочи, Ивановска рече дека тие секако прават антикорупциска проверка на легислативата. - Подготвивме и некои забелешки во однос на законот, сега нема што да реагираме бидејќи се е по законот, но ќе реагираме во насока на подобрување на критериумите за избор на јавниот обвинител, на првиот човек во ова обвинителство, бидејќи тоа е клучно. Тоа треба да е пандан на нешто што беше СЈО, нешто што навистина треба да ги спроведе сите предмети кои се донесуваат на висока корупција. Треба нова енергија која ќе биде одлучна, потенцира Ивановска. мс/сп/

Остани поврзан