• сабота, 28 декември 2024

Ибраимовски обвини за поткуп на Ромите на изборите за Совет на Тетово

Ибраимовски обвини за поткуп на Ромите на изборите за Совет на Тетово

Тетово, 24 август 2022 (МИА) - Претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) Самка Ибраимовски на прес-конфренција објави дека самиот видел како се поткупуваат Роми да гласаат за некои од другите партии на вонредните избори за Совет на Тетово на 20 август.  Тој рече дека и покрај ваквите состојби ПЦЕР успеа да освои речиси 400 гласови.

-Им порачувам на политичките партии кои беа на локалните избори, мислам дека ова е последен пат што ќе можат да направат ваков хаос во ромската заедница. Морам да кажам дека јас лично со мои очи видов како симпатизер од една политичка партија, нема да ја именувам, зошто сум многу покултурен од нив, како дава пари на член на ромската етничка заедница. Лично видов со мои очи, значи не може да ме убеди никој дека немало поткуп. Цената се движела од 20 евра до 50 евра во зависност од притисок, односно однесувањето на човекот кој треба да гласа за таа политичка опција. 400 гласа за нас се одлични при борба со шест парламентарни партии кои се во Тетово и со огромен број на пратеници, изјави Самка Ибраимовски.

Претседателот на ПЦЕР рече дека се соочил и со тие граѓани кои земале поткуп. - Се додека вакви работи доаѓаат во ромските маала, вака ќе биде во државата. Да ги оставите Ромите самите да си го трасираат патот. Јас не одев од куќа до куќа, како што дојдоа од министри и пратеници и ние оставивме на свеста на граѓаните. Немојте да ме допирате по град и да ме прашувате до кога вака. Еве ви шанса да ја исправите таа грешка, меѓутоа граѓаните на Тетово пак ја одбраа таа страна, до сега се жалеа од нив, нека им служи на честа и на граѓаните, порача Ибраимовски.

Според него, ПЦЕР добила 371 гласа и имало околу 30 неважечки ливчиња, а според евиденција 785 Роми биле излезени на гласање.ас/мд/

Остани поврзан