• среда, 18 декември 2024

Зурабишвили: Нема да ја напуштам функцијата по завршување на мандат, единствено јас имам легитимитет

Зурабишвили: Нема да ја напуштам функцијата по завршување на мандат, единствено јас имам легитимитет

Тбилиси, 30 ноември 2024 (МИА) - Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили денеска изјави дека парламентот на земјата нема легитимитет и дека нема намера да ја напушти претседателската функција по завршувањето на нејзиниот мандат во декември.

Владејачката партија Грузиски сон, која се соочува со обвинувања за авторитаризам и проруски тенденции, освои речиси 54 отсто од гласовите на изборите во октомври, за кои опозициските партии тврдат дека биле наместени.

-Парлементот нема легитимитет, нелегитимен парламент не може да избере нов претседател и затоа нема да има инаугурација. Мојот мандат продолжува додека не се формира легитимен парламент, рече претседателката.

Зурабишвили на денешниот брифинг со новинарите рече дека претседателската канцеларија е единствената преостаната легитимна институција во земјата.

Обраќањето на претседателката доаѓа во време на протести во грузискиот главен град Тбилиси и други градови, што избувнаа откако премиерот Иракли Кобахидзе објави дека владата ги напушта пристапните преговори со Европската унија до крајот на 2028 година поради „уцена“.

Замрзнувањето на преговорите предизвика незадоволство во земјата чиј устав ја предвидува целта за членство во Европската унија.

Премиерот ги обвини противниците за замрзнување на преговорите за пристап во ЕУ дека планираат револуција како протестите на Мајдан во 2014 година, со кои беше соборен прорускиот претседател на Украина.

ЕУ претходно објави дека патот на Грузија кон членство во ЕУ е закочен поради законот за странски „агенти“ и правата на ЛГБТ.

-Сценариото „Мајдан“ не може да се реализира во Грузија. Грузија е држава и државата, се разбира, тоа нема да го дозволи, изјави Кобахидзе, пренесен од грузиските медиуми.

Грузиското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека полицијата уапсила 107 лица во главниот град Тбилиси во текот на ноќта додека демонстрантите изградиле барикади долж централната авенија Руставели и фрлале пиротехнички средства.

Илјадници лица вечерва повторно се собраа во центарот на Тбилиси за да продолжат да вршат притисок врз владата да ја повлече контроверзната одлука.

Полициски сили се распоредени во градот за да ги потиснат немирите.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан