• среда, 25 декември 2024

Зурабишвили апелира за радикални реформи во Грузија

Зурабишвили апелира за радикални реформи во Грузија

Тбилиси, 27 мај 2024 (МИА) – Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили вчера побара радикални реформи пред клучните парламентарни избори, кои се одржуваат во услови на политичка криза поради контроверзниот закон за „странско влијание“, на кој таа стави вето.

- Грузија мора да создаде нова политичка реалност, изјави Зурабишвили во говорот по повод Денот на независноста на Грузија и ги повика сите проевропски политички партии да се приклучат на нејзината иницијатива и да формираат обединет опозициски фронт пред парламентарните избори во октомври.

Зурабишвили ги критикуваше и неколкуте закони донесени од владејачката партија Грузиски сон „кои се штетни за европскиот курс на Грузија“.

- Мора да бидеме способни да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ што е можно поскоро, истакна Зурабишвили.

Неколку опозициски партии ја поддржаа иницијативата на претседателката Зурабишвили, кој се соочува со Грузискиот сон, партија обвинета дека го опструира членството на Грузија во ЕУ и го враќа Тбилиси во руската орбита.

Владејачката партија Грузиски сон, која е на власт од 2012 година има големо мнозинство во Парламентот и се очекува следната недела да го отфрли ветото на претседателката на законот за „странско влијание“.

Од декември 2023 година, Грузија е официјален кандидат за членство во ЕУ. Иако Грузиски сон, официјално ја поддржува уставната цел, земјата да биде членка на ЕУ и на НАТО, изминатите последните години презеде повеќе мерки за приближување на земјата до Москва.

Законот за странско влијание предвидува бара медиумите и невладините организации кои повеќе од 20 отсто се финансираат од странство да се регистрираат како „агенти на странско влијание“. Според критичарите, законот е премногу сличен на законодавството што го користи Кремљ за да ги замолчи противниците и дека ќе ја попречи кандидатурата на Грузија за членство во ЕУ. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан