• четврток, 26 декември 2024

Зубер: ЕК чека да заврши судската постапка за да реагира во врска со одлуката на Судот на правдата во однос на УЕФА

Зубер: ЕК чека да заврши судската постапка за да реагира во врска со одлуката на Судот на правдата во однос на УЕФА

Брисел, 11 јануари 2024 (МИА) - Европската комисија внимателно ја следи состојбата околу одлуката на Судот на правдата на ЕУ дека правилата на УЕФА кои се однесуваат на организирањето на фудбалски натпреварувања, како што е Супер лигата, се во спротивност со законодавството на Унијата, изјави денеска портпаролката на ЕК за конкурентност Леа Зубер. 

- Свесни сме за пресудата, но сега процесот е вратен во шпанскиот суд. Шпанскиот суд треба да реши во врска за случајот и ќе видиме каква ќе биде одлуката. Засега ги немаме сите елементи за да преземеме некаква акција, додаде Зубер. 

На новинарско прашање дали ЕК планира да преземе мерки против ФИФА и УЕФА врз основа на пресудата на Судот на правдата за непочитување на европското законодавство, Зубер повтори дека Комисијата очекува да заврши целата судска постапка, па дури потоа ќе реши како да реагира.  

Судот на правдата на ЕУ со седиште во Луксембург минатиот месец пресуди дека правилата на ФИФА и УЕФА, кои предвидуваат дека тие треба да дадат претходно овластување за организирање клупски фудбалски натпреварувања, претставуваат кршење на правото на Унијата.  

Според Судот, правилата на ФИФА и УЕФА што стапија во сила во 2021 година не содржат „критериуми што обезбедуваат нивна транспарентност и недискриминаторски однос“. Судот реши и дека идејата на некои европски клубови за организирање на фудбалска Супер лига „не мора да биде одобрена“ од УЕФА.  

Во април 2021 година, непосредно пред големата реформа на Лигата на шампионите на УЕФА, 12 големи европски клубови најавија организирање сопствено клупско натпреварување. УЕФА и ФИФА, кои на најавената Супер лига гледаа како на директна конкуренција на Лигата на шампионите, им се заканија на „бунтовничките“ клубови со санкции. По ова, девет од 12-те клубови се повлекоа од идејата, со што иницијативата за формирање на Супер лигата пропадна за помалку од 48 часа.  

Сепак, шпанските клубови Реал Мадрид и Барселона, кои не се откажаа од иницијативата, покренаа тужба пред Суд во Шпанија против ФИФА и УЕФА, обвинувајќи ги за монополска позиција на пазарот на фудбалски натпреварувања и за искористување на медиумските права, постапка која продолжи пред Судот на правдата на ЕУ. Со пресудата на Судот во Луксембург, постапката се враќа на повторно одлучување пред шпанските судски инстанци. сп/ 

Фото: ЕБС 

Остани поврзан