• петок, 27 декември 2024

ЗПЗСУ ПДДМ утре на протест пред Министерството за здравство, Стоматолошката комора не го поддржува

ЗПЗСУ ПДДМ утре на протест пред Министерството за здравство, Стоматолошката комора не го поддржува
Скопје, 14 јуни 2022 (МИА) – Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина (ЗПЗСУ ПДДМ) за утре најави протест пред Министерството за здравство, со објаснување дека сакаат да го искажат незадоволството од како што велат „крајно лошата ситуација во која се наоѓаат“. Овој протест не го поддржува Стоматолошката комора на Македонија со став дека барањата на Здружението се несериозни, неприфатливи и штетни како и за докторите така и за пациентите. Во изјава за МИА, претседателот на Стоматолошката комора, д-р Маријан Денковски истакна дека со одлуката на Извршниот одбор и другите органи вклучени во Комората овие барања се целосно неприфатливи и ги сметаат за агресивни. Едно од барањата на ЗПЗСУ ПДДМ е укинување на матичен стоматолог, што според Денковски во моментов не е најдобро решение и оти ќе направи поголем проблем како и за стоматолозите така и за граѓаните. -Ова барање е штетно бидејќи сега граѓанинот преку матичниот стоматолог може да користи безброј услуги, а работиме и на проширување на пакетот услуги, вели Денковски за МИА. Следното барање е да се промени бројот на мрежата, односно ако сега мрежата опфаќа 1000 пациенти на еден стоматолошки тим, барањата на Здружението е да бидат над 2000 осигуреници. - Ние сега во моментов ако имаме 1250 тимови кои имаат договор со Фондот за здравство и пружаат услуги како матичен стоматолог, ваквото барање ќе ги намали на 600-700 тимови. Ќе се дозволи да 500 тимови нема да можат да влезат во кој било систем што го замислуваат тие, појасни претседателот на Стоматолошката комора. Покрај овие барања, Здружението во соопштение наведува дека бара корекција на постоечкиот износ на партиципација во стоматолошката здравствена заштита согласно растот на цените за потребните материјални и основни трошоци користени при секоја интервенција или преглед. Да се овозможи издавање на рецепти, упати, боледувања и да се изостави потребата од квалитетна финансиска гаранција од ликвидна банка или хипотека на недвижен имот на здравствените установи надвор од мрежата. -Поради тесната поврзаност на примарната и секундарната стоматолошка дејност, се бара овозможување на регистрација и функционирање на поликлиники составени од примарна и секундарна стоматолошка дејност како и склучување на договори за работа помеѓу приватни здравствени установи од примарна и секундарна стоматолошка дејност, се вели во соопштението. За ова барање Денковски вели дека веќе е во процедура и се чека измена на Законот. Протестот во организација на Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина е закажано за утре напладне пред Министерството за здравство под мотото „Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина“. ки/са/

Остани поврзан