• недела, 24 ноември 2024

Зошто понекогаш и долгиот сон не е доволен?

Зошто понекогаш и долгиот сон не е доволен?
Лос Анџелес, 15 април 2022 (МИА) - Британската Национална здравствена служба (НХС) откри дека секое трето лице кое страда од недостаток на сон бара причини во стресот, прекувремена работа или „предолго гледање“ во екраните од компјутери, мобилни телефони или телевизори. Но, она што навистина предизвикува замор, дури и кога на телото му го даваме потребниот одмор, би можело да биде нешто сосема друго - инерцијата на сонот. Што е инерција на спиењето? Стручњакот за сон, Натали Пеникот Колиер објаснува дека, „и кога мислиме дека не се случуваат многу работи во главата кога ја спуштаме на перница, ситуацијата е поинаква“. Човекот всушност минува низ четири фази кои сочинуваат еден циклус на спиење: будност, па лесен сон, потоа - длабок сон и тнр. РЕМ („брзо движење на очите“ - кое се одликува со зголемена активност на мозокот). - Корисно е да го развивате размислувањето за спиењето, од броењето часови до она што навистина е - „танц со сонот“. Циклусите на спиење траат, во просек, 90 минути и нема два исти, туку секој има различна улога... Во првиот дел од ноќта, на пр., доживуваме бавен бран на сон и нешто помалку РЕМ-сон, којшто следи дури во подоцнежната ноќ, вели Натали. Бидејќи секоја фаза од спиењето има различен ефект врз мозочната активност, логично е дека ако се разбудиме во погрешна фаза на спиење, мозок може да заостанува зад нашето тело. Токму тоа прави човекот да се чувствува дезориентиран и уморен. Ова се нарекува „инерција на спиењето“, што се опишува како „чувство на замор по будењето“ бидејќи сè уште сме во состојба на сон. Тоа обично трае пет до 30 минути, но може да трае и до четири часа. Можеме ли да ја спречиме инерцијата на спиењето? Според стручњаците, тоа е можно. Со утринско рутинско вежбање можно е да се одреди во колку циклуси на спиење човекот се вклопува, а и поважно - да се буди на крајот од полн циклус - што ќе го остави освежен и подготвен за новиот ден. Што се однесува до тоа како да го направиме тоа, полезен е калкулаторот за сон, кој може да ни помогне подобро да ги спознаеме нашите циклуси, но и како да ги искористиме против заморот денот. - Најдобар начин да се избегне инерцијата на спиење е да се одржи конзистентноста и да се сосредоточите на пет цели 90-минутни циклуси на спиење. Почнете да одбројувате од мигот кога ќе треба да се разбудите и планирајте го новото време за спиење наназад, советува Натали. Тоа е еднакво, отприлика, на околу 7,5 часа. Но, исто така, битно е да се придржуваме до рутината за спиење, што значи одење в кревет и будење во исто време - без разлика дали е работен ден или викенд. Се советува и при овие потребни промени и прилагодувања на телото на новата рутина, да бидете трпеливи, бидејќи и ова, како и сѐ друго во животот, не се постигнува преку ноќ.  си/сд/

Остани поврзан