• среда, 25 декември 2024

Зошто луѓето сакаат хорор-филмови?

Зошто луѓето сакаат хорор-филмови?

Чикаго, 1 ноември 2024 (МИА) - Времето околу американската Ноќ на вештерките, актуелни се хорор-филмовите, како и другите придружни застрашувачки искуства што некако чудно ги привлекуваат луѓето.

Овој феномен е истражен во психологијата и е познат како „морбидна љубопитност“. Овој поим го опишува човековиот нагон и потреба да се истражуваат и набљудуваат опасноста, смртта, насилството и сѐ што е поврзано со тоа во уметноста и животот воопшто. Таа појава се објаснува со фасцинацијата и потреба да се разбере непознатото. Овој вид љубопитност не е нужно патолошки, но може да се смета за природен психолошки феномен што им помага на луѓето да се справат со своите стравови, да се подготват за можните опасности во животот и подобро да ги разберат границите на сопствените емоционални искуства и реакции.

Во таа смисла, докажано е дека лошите вести се шират побрзо и подалеку од добрите вести... Луѓето истовремено врескаат и уживаат во тобоган или банџи-скокови. Многумина посетуваат разни куќи на ужасот. Возачите, на пр., честопати застануваат на патот во случај на сообраќајна несреќа - не само поради безбедност, туку и од љубопитност. Децата сакаат да истражуваат темни места како подруми или да читаат страшни приказни итн.

Примери на морбидна љубопитност може да се најдат насекаде: Некои луѓе сакаат криминални хорор-филмови - оние за вистински или измислени убијци... Во тој поглед и документарците од овој жанр се доста барани.

Адаптација што помага во опстанокот

Научниците сметаат дека морбидната љубопитност е еволутивна адаптација којашто им помага на луѓето подобро да се справат со можните опасности во животот.

Според оваа теорија, интересот за мрачните и застрашувачки гледишта на реалноста им овозможува на луѓето безбедно да ги истражуваат стравот и опасноста, а со тоа стекнуваат психолошка отпорност и подобро разбирање на нивните емоционални реакции. Тој вид на љубопитност им овозможува на луѓето „да се извежбаат“ за справување со заканите и стресот.

Конечно, со набљудување на потенцијално трауматични случаи, луѓето развиваат „стратегија“ за побрзо препознавање на опасностите и најдобар можен одговор. Во оваа смисла, морбидната љубопитност ја зголемува можноста за преживување.

И животните покажуваат морбидна љубопитност. Бихејвиористичкиот научник Колтан Скривнер од Универзитетот во Чикаго, САД, за „Сајентифик Американ“ (Scientific American) објаснува дека дури и животните, на пр. газели и мајмуни покажуваат морбидна љубопитност.

- Постои прилично старо научно набљудување за она што јас го нарекувам морбидна љубопитност кај приматите. Чарлс Дарвин зборувал за тоа уште кога раскажуваше приказна за еден човек кој имал вреќа со змии - живи змии кои се очигледна закана за повеќето примати... Тој отишол во зоолошката градина и ја спуштил торбата пред приматите, а тие се разбегале врескајќи наоколу... Тој и очекувал оти ќе го направат истото тоа. Овде треба да ги видите овие страшни работи, нели?, појаснува Скривнер.

Психологот вели дека и луѓето и животните реагираат така, знаејќи дека нешто исплашило еден од нив. Дарвин, всушност, го повторил овој експеримент за да покаже дека и животните покажуваат морбидна љубопитност.

Хоророт, т.е. ужасот постои со илјадалетија

„Уживањето“ во страв и ужас не е „современ“ изум. Луѓето отсекогаш сакале да читаат и пишуваат страшни приказни, романи, раскази, бајки... Почнувајќи, на пр. со „Епот за Гилгамеш“ (најстариот познат еп - напишан околу 2100 г. п.н.е.). И тука се содржани страшни елементи: духови, чудовиштето Хумбаба, итн. Слични хорор-приказни има и во арапските „1001 ноќ“, грчката „Одисеја“, митологијата и египетската „Книга на мртвите“.

Во древната индиска естетика, на пр., има поим „угра раса“ што означува силна, интензивна емоција поврзана со чувства на ужас, лутина или восхит од нешто моќно и застрашувачко.

Во испитување од 2020 година, Матијас Класен од Универзитетот на Архус во Данска и неговите колеги откриле дека гледањето хорор-филмови е корисно за луѓето кои се веќе вознемирени.

Истражувањето исто така открива какви хорор-филмови сакаат луѓето со различни убедувања. Имено, лицата со посилно верување во натприродни појави обично бараат филмови со натприродна содржина (со духови, чудовишта, вампири, вештерки)... А пак, оние луѓе со послабо верување во паранормалното бараат приказни со „природна“ содржина (убијци, вистински настани, масовни или сериски убиства).

Луѓето со голема желба за сензации и оние со повисок интелект и имагинација особено сакаат филмови со интелектуална стимулација и предизвик, се наведува. Тие очекуваат не само негативни туку и позитивни емоции од „консумирањето ужас“.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан