• среда, 25 декември 2024

ЗНМ: Миленко Неделковски го изгуби судскиот спор против Секуловска, Србиновски и Пировска

ЗНМ: Миленко Неделковски го изгуби судскиот спор против Секуловска, Србиновски и Пировска
Скопје, 13 ноември 2022 Основниот граѓански суд Скопје го одби како неосновано тужбеното барање на Миленко Неделковски за утврдување на одговорност за клевета и надомест на штета против новинарите Пред Основниот граѓански суд Скопје на ден 06.12.2021 година беше поднесена тужба од страна на Миленко Неделковски против новинарите Дејан Србиновски и Билјана Секуловска како и против директорката на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска. Со оваа тужба се бараше утврдување на одговорност за клевета и надомест на штета во врска со емисијата „25 Минути“ со наслов: „Говор на омраза – зошто не се санкционира?” емитувана на ден 12.09.2021 година на Телевизија 24, а во која од страна на тужените, тужителот Миленко Неделковски е посочен како пример за лице кое шири говор на омраза, на начин што со своите дејствија промовира, поттикнува и шири омраза, насилство и нетрпеливост. Од страна на aдвокатот на новинарите и Пировска, во одговорот на тужбата беше приложен доказен материјал од кој неспорно се докажува дека и пред емитување на емисијата „25 Минути“, тужителот веќе бил познат на јавноста како лице кое шири говор на омраза, а со тоа и дека тужените имале основано причина да ги истакнат предметните наводи. Меѓу другото е наведено дека судот треба да ги има во предвид и Принцип 6 и 7 од Препораката бр.R (97) 20 на Комитетот на Министри на Совет на Европа за „говор на омраза, со кој јасно се укажува на фактот дека: „Националното право и практика во областа на говорот на омразата треба да водат сметка за улогата на медиумите во комуникацијата на информациите и идеите што покажуваат, анализираат и објаснуваат специфични примери на говор на омразата и воопшто на овој феномен, како и да го земат предвид правото на јавноста да добива такви информации и идеи“, односно дека известувањето за расизам, ксенофобија, антисемитизам и други форми на нетрпеливост е целосно заштитено со член 10, параграф 1 од Европската Конвенција за човекови права“. Судот по заклучување на главната расправа, на ден 09.11.2022 година одржа рочиште за објава на пресуда, на кое беше соопштено дека тужбеното барање на тужителот се одбива како неосновано, со што тужените се ослободуваат од одговорност за клевета и надомест на штета. Здружение на новинари на Македонија  _____________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.  

Остани поврзан