• четврток, 26 декември 2024

ЗМСТАС „За нас“: Сестринската професија не заслужува да ѝ се фрла дамка поради недокажани инциденти

ЗМСТАС „За нас“: Сестринската професија не заслужува да ѝ се фрла дамка поради недокажани инциденти

Скопје, 15 јули 2024 (МИА) - Унијата на здруженија, предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри - „За нас“, околу актуелните случувања на Детската клиника, а „во врска со тврдењата за нестручно однесување на медицинска сестра со новороденче“, денеска ги повика релевантните институции да приложат докази за разрешување на случајот.

- Во нашата земја во моментов работат околу 9.200 медицински сестри. Оваа хумана фела одговорно и пожртвувано работи во јавниот здравствен систем и не заслужува да се фрла дамка на сестринската професија поради недокажани инциденти. Затоа од име на Унијата на медицински сестри, упатувам реакција и ја повикувам стручната комисија, јавно да се произнесе со факти и одговорноста да ја насочат кон конкретниот виновник, наведува во писмена изјава претседателката Гордана Бешлиовска.

Директорот на Клиниката за детски болести во Скопје, Реџеп Мемеди во изјава за МИА во саботата најави дека во тек е формирање комисијата, што ќе го истражува случајот со тримесечното бебе. 

- Разговарано е со медицинската сестра, таа вели дека немало намерна повреда, ниту пак имало навреда од нејзина страна кон блиските на детето. Таа ќе даде и писмена изјава во врска со случајот, најави Мемеди.

Како што појасни директорот, според медицинската сестра, повредата на десната рака на бебето е ненамерна и настанала при земање крв за анализи.

Се очекува комисијата денеска да има состанок и како што е најавено, да ги разгледа сите аспекти и да биде донесена одлука согласно законските и етичките норми.

Директорот на Детската клиника, Мемеди заедно со министерот за здравство Арбен Таравари го посетија семејството на бебето. Министерот на социјалните мрежи напиша дека доколку се потврдат наводите на блиските на бебето, медицинската сестра ќе биде соодветно санкционирана.

Според изјавите на блиски на бебето, што беа презентирани во јавноста, по вербален конфликт, поради тоа што мајката не знаела да зборува добро македонски, следувало намерна повреда на детето од медицинската сестра, при интервенција земање крв. бд/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан