• сабота, 23 ноември 2024

Златевски од Сојуз на земјоделски здруженија: Грозјето со повеќе шеќерни единици ќе добие повисока цена

Златевски од Сојуз на земјоделски здруженија: Грозјето со повеќе шеќерни единици ќе добие повисока цена

Кавадарци, 6 август 2024 (МИА) – Грозјето со повеќе шеќерни единици ќе добие повисока цена, информираше попладнево за МИА, претседателот на Сојузот на здруженија на земјоделци со седиште во Кавадарци, Јован Златевски.

Како што појасни Златевски, откупната цена за килограм „смедеревка“ од 18,30 денари и за „вранец“ од 20,80 денари, се однесува за гроојзе со технолошка зрелост, односно 17 шеќерни единици кај смедеревката и 19 шеќерни единици кај вранецот.

– Објавените откупни цени за винското грозје и тоа, за килограм „смедеревка"  од 18,30 денари и „вранец" од 20,80 денари, се однесуваат за грозје со технолошка зрелост, 17 шеќерни единици кај смедеревката и 19 шеќерни единици кај вранецот. За секое грозје што ќе биде со шеќерност над оваа граница, откупувачите ќе треба да исплатуваат по околу еден денар плус за двете најзастапени вински сорти на грозје во Тиквешијата како најголем лозаровинарски регион во државата. Овие цени се приближни со нашите пресметки и се подобри од ланските, подвлече Златевски.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), пак, денеска соопшти дека цената на килограм грозје „смедеревка“ со пресметаните 25 отсто ќе изнесува 18,3 денари, а цената на килограм грозје „вранец“ со пресметаните 25 отсто ќе изнесува 20,8 денари.

Појаснуваат дека земена е во предвид пресметката на Земјоделскиот институт – Скопје за производната цена на килограм винско грозје за двете најзастапени сорти за 2024 година, зголемена за 25 отсто согласно Законот за вино.

– Да потсетиме дека производната цена за килограм винско грозје за двете најзастапени сорти за 2024 година се пресметува согласно Законот за виното (Службен Весник 74/24) и по Методологија за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет  (Службен Весник 146/24). Претходно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство спроведе Јавен конкурс за избор на институција и склучи Договор со Земјоделски институт – Скопје за вршење на услугата, се вели во соопштението на МЗШВ.

Додаваат дека за денеска најавена е средба со менаџментот на винските визби и откупувачи, каде ќе се дискутира за новите цени и откупот на грозје. свд/ра

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан