• недела, 24 ноември 2024

ЗКРСМ бара поддршка од надлежните за поконкурентни занаетчии

ЗКРСМ бара поддршка од надлежните за поконкурентни занаетчии

Куманово, 4 октомври 2024 (МИА) - Занаетчиската комора поднесе барање до надлежните министерства и до Владата за поддршка на занаетчиството преку различни мерки, соопштија денеска надлежните од ЗКРСМ. Од комората велат дека по барање на занаетчиите и по консултациите со регионалните комори, како национална комора поднеле барање до Министерството за економија за поддршка на вршителите на занаетчиската дејност.

- По барање на занаетчиите и по консултација со регионалните комори, поднесовме барање до соодветното министерство, засега сè уште немаме одговор. Сега е во процес јавниот повик за субвенционирање на старите занаети, за сите вршители на занаетчиската дејност и во тој контекст ќе почекаме уште малку пак ќе поднесеме барање. Се надевам дека ќе добиеме позитивен одговор од оваа Влада, изјави претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлии.

Занаетчиите бараат нивна категоризација за да можат да добијат соодветни средства за мерката самовработување и бараат пресликување на хрватскиот модел. Воедно, до Министерството за економија е испратено старото барање за занаетчиите да се категоризираат како микробизниси, а не како индустрија, за да плаќаат поевтина електрична енергија.

- Бараме од владата да ги категоризира занаетчиите не само да дадат 6.000 евра за отворање на бизнис, сега е зголемена за илјада евра од претходно. Бараме да се земе хрватскиот модел, да се категоризираат занаетчиите по професија затоа што за фризер се доволни 6.000 евра, додека за автомеханичар или за кој било дел од градежната дејност, не се доволни тие средства кои се даваат за мерката самовработување. Во тек се преговорите и верувам дека ќе ја постигнеме целта, занаетчиите, вршители на занаетчиската дејноста да станат поконкурентни, попрофитабилни, додава Фазлии.

Повисоките субвенции, сметаат надлежните од комората ќе придонесат бизнисите побрзо да се развијат, занаетчиите ќе можат да вработат сопствен кадар со одредени клаузули со кои ќе се задржат занаетчиските дејности во државата и ќе се намали недостатокот од одредени кадри, механичари, бравари, водоводџии, електричари. ам/цр


Фото: МИА

Остани поврзан