• вторник, 24 декември 2024

Зиркзе го напушта „Олд Трафорд“ во јануари?

Зиркзе го напушта „Олд Трафорд“ во јануари?

Манчестер, 18 октомври 2024 (МИА) - Манчестер Јунајтед донесе неколку големи засилувања пред сезоната, Лени Јоро беше платен 62 милиони, Мануел Угарте 50, Матиас Де Лихт 45, Зиркзе 42,5, а многу поевтин беше Нусер Мазрауи, кој беше платен „само“ 15 милиони евра.

Од Зиркзе се очекуваше многу, Холанѓанецот требаше да ја подобри ефикасноста, а челниците на Јунајтед го гледаа како машина за голови. Но, реалноста е сосема поинаква.

Манчестер е само 14-ти на табелата во Премиер лигата, со само осум бода од седум кола, со само пет постигнати голови. Еден од тие петте гола беше дело на Зиркзе, премалку за вложените пари.

Холанѓанецот играше на секој од тие седум натпревари, но на ниту еден не беше на теренот од почеток до крај. А веќе се појавија информации дека Зиркзе ќе го напушти „Олд Трафорд“ во јануари.

По две неверојатни сезони во Болоња, дури и пласман во Лигата на шампионите со овој клуб, Зиркзе направи чекор напред во кариерата и се пресели во Јунајтед.

Како што сега стојат работите, тој многу лесно би можел да се врати на Апенинскиот полуостров. Планот на Јунајтед е да го испрати на позајмица во Јувентус, ни помалку ни повеќе, кој покажа сериозен интерес за неговиот потпис.

Дури и самиот Холанѓанец инсистира на промена на средината, а со оглед на тоа што на десет натпревари во Манчестер постигна само еден гол, се чини дека челниците на клубот од „Олд Трафорд“ ќе му излезат во пресрет, пишуваат медиумите на Островот.

Секако, во Манчестер активно бараат замена за еден од најголемите неуспеси, а прв пик е словенечкиот напаѓач Бенјамин Шешко. Според некои информации, неговата клаузула е 65 милиони евра, што не би требало да биде голем проблем за Јунајтед. дс

Фото: Архива

Остани поврзан