• четврток, 26 декември 2024

Зибери: Потребен систем на заемна доверба и комуникација со надзорните тела и безбедносните структури

Зибери: Потребен систем на заемна доверба и комуникација со надзорните тела и безбедносните структури

Скопје, 8 ноември 2023 (МИА) - Граѓаните мора да бидат убедени дека приватноста во нивниот дом, телефонските разговори и интернет комуникациите им се загарантирани. За жал, кај граѓаните постои недоворба, а тоа говори за досегашниот несоодветен одговор на надзорните тела кон тајните служби. Кога би бил посоодветен надзорот, на начин како што е поставен законот, сигурно и довербата би била поголема, посочи народниот правобранител Насер Зибери.

Тој во своето обраќање на денешната конференција „Надзорната улога на Народниот правобранител над безбедносниот сектор од аспект на заштита на правата на граѓаните“ посочи оти се надева дека ќе се воспостави систем на заемна доверба, соработка и комуникација со надзорните тела и со службите, но за ова треба да постои волја и одговорност.

-Иако се поминати години откако се донесени законските решенија кои ја регулираат оваа област, каде меѓудругото е предвидена надзорната улога на Народниот правобранител врз безбедносните структури, морам да признам дека нашето искуство на ова поле е многу скромно, рече Зибери.

Во однос на претставниците од безбедносните структури кои беа поканети на конференцијата, Зибери посочи дека се присутни претставници од Агенцијата за разузнавање и ОТА, но не дошол никој од АНБ.

-Од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) беа поканети, но не се присутни на конференцијата и за мене тоа е еден индикатор за нивниот однос кон надзорните тела, додаде народниот правобранител.

Зибери подвлече дека граѓаните мора да бидат убедени оти приватноста во нивниот дом им е загарантирана и никој не смее да ја нарушува или да го прекршува Уставот и законот. Граѓаните, како што рече, мора да бидат убедени дека надлежните институции ова право ќе го штитат, а секое прекршување не само што ќе биде откриено туку и соодветно санкционирано.

-Законот ги поставува основните принципи на ваквата соработка и функционирање, а ние сме одговорни да ги почитуваме и спроведуваме, рече Зибери.

За жал, како што рече, години наназад во земјава многу се зборува на оваа тема бидејќи сме сведоци на неколку афери кои се однесуваат токму на повреда на правото на приватноста, а конкретни одговори на тоа што се случува се уште немаме. Тој додаде дека неефикасно извршување на постапките за ваквите повреди, може да послужи како сегмент за охрабрување на овие служби и понатаму да продолжат со истиот начин на функционирање.

-Нашето членство во НАТО Алијансата и нашите претензии за членство во ЕУ ќе го подигнат степенот на одговорноста на овие служби за заштита на сите сегменти како на националната безбедност така и на безбедноста и на нашите соседи и асоцијациите во кои членуваме. Тие служби никако не смеат да бидат надвор од контролата. Остро се спротиставувам истите да се користат за други недозволиви цели вклучувајќи и политички. Законот ги поставува основните принципи на ваквата соработка и функционирање, а ние сме одговорни да ги почитуваме и спроведуваме, додаде Зибери.

Амбасадорката на Швајцарија во земјава, Вероник Хулман на денешната конференција рече дека од 2018 година импресивни структурни и законодавни реформи беа воведени кои значително придонесоа кон демократизацијата. 

-Ново тело под Владата беше воспоставено за да може да ја подобри комуникацијата меѓу разузнавачките и безбедносните служби. Поранешната УБК се реформира во Агенција за национална безбедност. Оваа Агенција се грижи безбедносните и разузнавачките агенции да не ги злоупотребуваат комуникациските средства. Важно е да се применат измените на законодавството со цел поголема транспарентност. Ќе продолжиме со поддршка на надзорните тела кои што имаат законски обврски да вршат контрола и надзор врз безбедносните служби, рече Хулман.

Помошниот директор и раководител на Одделот за политика и истражување во рамките на ДКАФ, Ханс Борн на конференцијата рече дека денешниот настан симболизира колективна подготвеност на оваа земја да продолжи со важните прашања поврзани со демократски независен надзор на разузнавачките и безбедносните служби.

Како што рече, реформите во овој сектор не е нешто што може да се заврши преку ноќ, треба да се има трпение, а ДКАФ дава континуирана поддршка на овие процеси. бт/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан