• петок, 27 декември 2024

Зибери: Апсурдно е некои членови на семејства да поседуваат државјанство, а други со години да не можат да го остварат тоа право

Зибери: Апсурдно е некои членови на семејства да поседуваат државјанство, а други со години да не можат да го остварат тоа право
Скопје, 28 април 2021 (МИА) - Дел од лицата родени во Република Македонија пред прогласување на независност на државата во 1991 година се уште не го решиле проблемот со државјанскиот статус, а притоа континуирано живеат во земјата заедно со семејствата во нивните домови и имоти, што претставува своевиден апсурд при еднакви услови и околности некои членови на семејството да поседуваат државјанство, а некои со години да не можат да го остваруваат ова право, констатира народниот правобранител Насер Зибери на денешната презентација на Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2020 година. - Кон оваа категорија граѓани е направена неправда која треба да се надмине и реши со измена на Законот за државјанство, согласно стандардите и принципите на Европската конвенција за државјанство. Согласно оваа Конвенција почитувањето на семејниот живот претставува основна темелна вредност, исто како што е прокламирано и во членот 8 од Европската конвенција на човекови права и слободи. Според Европската конвенција за државјанство, земјите на Советот на Европа при одлучување за државјанство, особено треба да водат сметка за вистинската и ефективната врска на засегнатото лице со државата, истакна Зибери. Тој додаде дека во однос на бројот на лица кои немаат државјанство, народниот правобранител не располага со точна бројка, но знае дека се поднесени девет претставки за Годишниот извештај за 2020 година. Народниот правобранител се осврна и на издавањето на изводи од матичната книга на родени по електронски пат, што, според него, воопшто не го олеснило пристапот на граѓаните до овој документ, туку напротив создало големи проблеми. Тој утврди дека не се почитува рокот за изготвување и издавање на изводи, па наместо неколку дена граѓаните чекаат за електронски изводи по неколку месеци. ки/нд/  

Остани поврзан