• четврток, 26 декември 2024

Зендели: Има опструкција од власта за избор на член на ДИК

Зендели: Има опструкција од власта за избор на член на ДИК

Скопје, 12 декември 2023 (МИА) - Пратеникот на Движењето „Беса“ Фадил Зендели денеска на прес-конференција оцени дека има опструкција и блокада од страна на ДУИ, СДСМ и Алијанса за Албанците за избор на нов член на ДИК.

Тој обвини дека претседателката на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата Марија Георгиевска го блокира процесот на избор на нов член на ДИК со незакажување на седница на оваа тело со оваа точка на дневен ред.

- Блокадата тече на конекција претседател на Собранието Талат Џафери со претседателката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Марија Георгиевска. Откако помина како точка на дневен ред на Собранието, заврши огласот по однос на кандидатите кои аплицирале и колку што сум информиран аплицирале пет кандидати. Тоа веќе е завршено на 16 ноември и сега во Комисијата за избори и именувања само треба да се утврди листа на кандидати кои ги исполнуваат условите за да станат член на Државната изборна комисија. Нема дебата, нема гласање, рече Зендели.

Посочи дека од нивна страна имало иницијативи на свикување на ваква седница на Комисијата за прашања на избори и именувања. 

- Јасна е блокадата и опструкцијата за да нема член на ДИК, затоа што за да се избере член на ДИК потребни се 80 гласови за што ние со македонската опозиција веќе сме хармонизирани. Чиста е опструкцијата на власта за да не може албанската опозиција да биде квалитетно претставувана во Државната изборна комисија, рече Зендели. 

Според неговите информации, на 18 декември е закажана седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата со друга точка на дневен ред. Како што рече, ќе инсистираат дневниот ред да се надополни со оваа точка. 

По именувањето на Кренар Лога за министер за правда се испразни едно место во ДИК. Кандидат за член на ДИК од страна на албанскиот опозициски блок е Абдуш Демири. фф/бак/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан