• вторник, 20 јануари 2026

Земјоделците и откупувачите од Струмичко очекуваат уште една успешна сезона

Земјоделците и откупувачите од Струмичко очекуваат уште една успешна сезона

Струмица, 13 јануари  2026 (МИА) -

Ристо ТАСЕВ

Градинарите и откупувачите од Струмичко очекуваат да продолжат позитивните трендови на успешни производствени и откупни сезони и во 2026 година. Заедничка е оценката дека најголем дел од производството имаше сигурен откуп и добри цени, но бараат долгорочни решенија за сигурен пласман и производство за познат купувач.

Производителот на лути пиперки од село Банско, Даме Тренчовски, кој меѓу првите излегува на пазарот, смета дека и годинава не би требало да има проблеми со откупот и пласманот.

- Ние први почнуваме со подготвки за производството за наредната година и можеби сме најдобар барометар каква ќе биде производствената сезона. Добро поминавме со пласманот на лутата пиперка и за нас е прифатливо во почетните месеци цената да не падне под 8 денари за пиперка, односно оваа цена е економски исплатлива за нас, иако за новата реколта треба да се очекува и зголемување на производството - објаснува Тренчовски, кој со другите производители на лута пиперка веќе го пикира расадот и го подготвуваат за сеидба во пластениците, а првите пиперки се очекуваат кон крајот на февруари и март.

Драги Памуков, земјоделец од селото Куклиш, смета дека производителите на домати и на пролетна зелка поминале добро, а прозводителите на пиперката „куртовска капија“ или „ајварката“ и есенската зелка ги продавале под производствената цена.

- Ние оптимистички очекуваме годината да биде добра, но садиме, така да речам, од ракав, без склучување договори. Ние, дефинитивно, немаме сигурни пазари, односно есенскиот домат се откупуваше по многу ниски и неисплатливи цени за нас - смета Памуков.

За очекувањата во 2026 година вели дека е тешко е да се каже и стравува од хиперпродукција на одредени култури бидејќи градинарите по инерција засадуваат повеќе доколку одредена култура имала добра откупна цена.

- Треба долгорочни решенија, особено во пласманот. Тоа го зборуваме со години. Според мене, овие решенија може да ги направи само извозникот, а државата да застане зад нив - да направи капацитети и откупни пунктови со сите нишани. Кај нас само пет трговци имаат добри откупни пунктови, а другите работат во 100-150 квадратни метри - додава Памуков.

Според оценката на Ристо Велков од Сојузот на синдикатите на земјоделците од Струмица, во 2025 година имало големи осцилации во откупот на градинарските култури, односно пролетниот домат поминал одлично, а краставицата катастрофално, потфрлил откупот на есенската зелка, а добро поминале производителите на „ајварката“ и на корнишоните.

- Без договори меѓу производителите и откупувачите, ќе имаме стихијно производство. Од сите култури, само тутунот има одредена цена по класа, а за другите никој не може да ја каже откупната цена - смета Велков.

Тој повикува договорите за откуп на градинарските производи од страна на откупувачите да се потпишуваат до крајот на годината или почетокот на идната и пред садење одредена култура за да може производителот да знае колку да произведе и по која цена ќе му биде откупено.

Откупувачите го делат мислењето на земјоделците дека сезоната е успешна, но дел од производството се продал добро, а друг лошо.

- Генерално, трговците од 2025 година не сме најзадоволни бидејќи на пласманот влијае војната меѓу Русија и Украина, односно во двете земји не можеме да извезуваме. Остануваат соседите и поранешните ју-простори, но мора да се знае дека веќе секаде има производство. Албанија е веќе градинарска сила и оттаму можеш во секое време да купипш седум-осум производи. Тоа се должи на подобрите климатски услови за разлика од тука и затоа имаат порано производство, дури пред земјите од цел Балкан - вели Благој Витанов, трговец и извозник од Струмица.

Тој очекува во 2026 година да продолжи трендот на успешен пласман на македонските градинарски производи, но никој не може да каже колкави и какви ќе бидат цените.

Според оценката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, градинарското производство како најзастапена гранка во Струмичкиот Регион, во 2025 година поминало над досегашните очекувања.

- Раноградинарското остварено производство на компир и зелка во однос на 2024 година бележи раст од 10 отсто, а кај дињата и лубеницата е забележан раст од 8 отсто во однос на 2024 година. Кога станува збор за производството на краставици, домати и на пиперката „куртова капија“, треба да се напомене дека, покрај забележаниот раст од приближно 12 отсто кај наведените култури, во 2025 година е забележан тренд на зголемено производство во заштитен простор, што резултира со пораст на вкупното производство - оценија од ресорното Министерство.

Додаваат дека, согледувајќи ја целокупната ситуација на терен и во непосредни разговори со земјоделските производители, за очекување е оваа тенденција на раст да продолжи и во 2026 година.

Инаку, и годинава градинарските култури од Струмичкиот Регион се очекува да се извезуваат на пазарите во Хрватска, Србија, Романија, Бугарија, Грција, Скандинавија и во други земји, а покрај странците, големи количини треба да откупат и домашните фабрики. рт/дј

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан