• среда, 25 декември 2024

Земји-членки на Советот за безбедност на ОН ги повикаа талибанците да ги прекинат угнетувачките мерки против жените во Авганистан

Земји-членки на Советот за безбедност на ОН ги повикаа талибанците да ги прекинат угнетувачките мерки против жените во Авганистан

Њујорк, 13 јануари 2023 (МИА) – Десетина земји-членки на Советот за безбедност на ОН денеска ги повикаа талибанците да ги прекинат сите угнетувачки мерки против жените во Авганистан, на маргините на состанокот зад затворени врати за ситуацијата во таа земја.

– Ги повикуваме талибанците да ги прекинат сите угнетувачки мерки врз жените и девојчињата, им рече на новинарите јапонскиот амбасадор Кимихиро Ишикане во име на 11-те членки на Советот за безбедност (Албанија, Бразил, Еквадор, Франција, Габон, Јапонија, Малта, Швајцарија, Обединети Арапски Емирати, Велика Британија и САД).

Тие земји, исто така, ги повикуваат талибанците да ги почитуваат правата на жените и девојките и да се залагаат за нивно целосно, еднакво и значајно учество и вклучување во сите области на општеството, политиката и економијата, во образованието и јавниот простор.

Декларацијата се однесува на исклучувањето на жените и девојчињата од училиштата и универзитетите и забраната за вработување на жени во национални и меѓународни невладини организации.

Поради оваа последна мерка, невладините организации повеќе нема да можат да дојдат до луѓето, особено жените и девојките, на кои им е најпотребна помош со опрема и витални услуги, се наведува во декларацијата.

Повеќе хуманитарни организации одлучија да ги прекинат своите активности поради таа забрана, која талибанците ја воведоа на 24 декември. Сепак, ОН одлучија да ја продолжат својата операција.

– Положбата на жените и девојчињата во Авганистан треба да остане високо на агендата на Советот за безбедност, ветија потписниците на денешната декларација.

Советот за безбедност денеска заседава зад затворени врати за да разговара за ситуацијата во таа земја.

– Денес ќе разговараме за обединет меѓународен одговор наспроти дејствијата на талибанците. Нашата цел е да спречиме да дојде до хуманитарна катастрофа и да се откажат од забраните насочени кон жените и девојчињата, објави британската амбасадорка Барбара Вудворд на Твитер пред почетокот на состанокот. рп/

Остани поврзан