• среда, 25 декември 2024

Земјите членки на А5 усвоија Заедничка изјава за поддршка на Украина

Земјите членки на А5 усвоија Заедничка изјава за поддршка на Украина

Њујорк, 20 септември 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како претседавач со САД – Јадранската Повелба (А5), беше домаќин на работниот појадок на министрите за надворешни работи на земјите на иницијативата, што се одржа во рамки на Генерално собрание на Обединетите Нации, во Њујорк. Во фокусот на разговорите, како што информира МНР, беа актуелните состојби во Западен Балкан, како и начините за зајакнување на безбедноста и стабилноста на регионот.

-Унапредувањето на европските и евроатлантските интегративни процеси на земјите од Западен Балкан, заедно со зајакнувањето на регионалната соработка претставуваат двигател на демократските процеси и најдобрите алатки за обезбедување на долгорочна стабилност и регионален просперитет, нагласи Османи.

Тој ја истакна потребата од адаптирање на А5 кон новата геополитичка реалност и актуелните безбедносни предизвици.

-По две децении од постоењето на САД – Јадранската Повелба, околностите и светот во кој живееме драматично се променија, особено по бруталната руска агресија врз Украина. Затоа, ние како претседавач со А5 инициравме креирање на нов Стратешки концепт на Повелбата што ќе ја одрази новата геополитичка реалност и новата регионална динамика. Додека се залагаме за оваа важна цел, ние остануваме посветени на Политиката на отворени врати на Повелбата и континуирано ја поддржуваме апликацијата на Република Косово да се придружи на А5, рече Османи.

На крајот на состанокот, беше усвоена Заедничка изјава за поддршка на Украина, со што беше реафирмирана контнуираната поддршка за украинскиот народ од страна на земјите членки на САД – Јадранската Повелба. мч/дма/

фото: МНР

 

 

 

Остани поврзан