Земјите на ЕУ во 2022 година примиле речиси еден милион барања за азил
- Земјите-членки на ЕУ примиле речиси милион барања за азил во 2022 година, а најмногу Германија, објави денеска Европската агенција за азил (ЕУАА)
Валета, 4 јули 2023 (МИА) – Земјите-членки на ЕУ примиле речиси милион барања за азил во 2022 година, а најмногу Германија, објави денеска Европската агенција за азил (ЕУАА).
Тоа е зголемување од околу 50 отсто во споредба со 2021 година во земјите од ЕУ плус, каде се вклучени Лихтенштајн, Исланд, Норвешка и Швајцарија.
- Комбинација од кризи, вклучувајќи нови и стари конфликти, климатски шокови, геополитички немири, насилство и прогон, принудија еден милион луѓе да ги напуштат своите домови во 2022 година, се наведува во извештајот на ЕУАА.
Меѓу апликантите имало околу 42.000 деца и малолетници без придружба, најмногу од 2016 година, од кои речиси две третини се од Авганистан и Сирија.
Од речиси еден милион барања за азил поднесени минатата година, Германија прими најголем број (244.000), а потоа следат Франција (156.000), Шпанија (118.000), Австрија (109.000) и Италија (84.000), што е вкупно 996.000 барања.
Во Европа рекорден број барања за азил се поднесени во 2015 година (1,4 милиони) и во 2016 година (1,3 милиони).
Но, некои земји-членки пријавија повеќе барања од кога било досега од почетокот на паневропското собирање податоци во 2008 година, вклучувајќи ги Австрија, Франција, Шпанија и Португалија. Најголем дел од барањата поднеле државјани на Сирија, Авганистан, Турција, Венецуела и Колумбија.
Во податоците на ЕУАА не се вклучени речиси четири милиони бегалци од Украина, кои не мора да поминат низ сложени процедури за одобрување азил. ми/
фото: ЕПА