• вторник, 12 ноември 2024

ЗЕЛС бара посебен кластер за оценување на напредокот на земјава во спроведување на децентрализацијата

ЗЕЛС бара посебен кластер за оценување на напредокот на земјава во спроведување на децентрализацијата
Скопје, 24 ноември 2022 (МИА) - Она што е најважно и што го отсликува овој и претходниот состанок во Брисел е иницијативата на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС)  за развојот на децентрализацијата на власта во Република Македонија, да биде ставена како посебен кластер или маркер, при оценувањето за напредокот на државава кон Унијата. Апелираме за силна поддршка од делегатите од Комитетот на региони при ЕУ за нејзина побрза реализација, изјави денеска претседателката на ЗЕЛС и градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, на 20. состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија. Како главната причина за тоа, според неа,  е децентрализацијата на власта во државава која, како што рече, веќе подолг период е во стагнација, со обиди за централизација во одредени области. За тоа, посочи, има повеќе поазатели. - Првиот е мошне актуелен. Општините во Република Македонија се оставени целосно сами на себе во справувањето со предизвиците со енергетската криза, без поддршка за предлозите што ЗЕЛС ги достави до Владата уште во јануари оваа година, истакна Арсовска. Втор показател, според неа, е пакетот на промени, инициран оф ЗЕЛС пред повеќе од четири години, за обезбедување поголема финансиска стабилност на локалната власт и промени во организациската поставеност на работењето на општините е се уште во почетна фаза. - Направени се само минорни промени, особено во Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, каде се наметнуваат поголеми одговорности а нема решенија за состојбите во кои се наоѓаат општините. Затоа од страна на ЗЕЛС се инсистира на додавање посебен кластер за оценување на напредокот на Македонија во спроведување на децентрализацијата на власта и реформите во системот на локалната самоуправа, нагласи Арсовска. На новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се најде некој заеднички јазик за Владата да излезе во пресрет на општините за да се надмине кризата, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, рече дека Владата презема мерки, ги анализира состојбите и ќе преземе и дополнителни мерки. - Од следната година очекуваме да пристигнат европските пари, дел од кои исто така ќе бидат насочени кон општините, се со цел граѓаните да добијат повеќе од тие услуги, истакна Пенов. Градоначалничката на Општина Трбовље од Република Словенија, Јасна Габриќ, којашто заедно со претседателката на ЗЕЛС беше ко-претседавач на настанот, информираше дека секоја година на овој состанок се разговара за две теми и дека оваа година темите се патот на Северна Македонија кон Европската Унија и справувањето со енергетската криза. Шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, истакна дека она што е важно е дека локалните власти ја играат клучната улога во пристапувањето во ЕУ, бидејќи околу 70 проценти од правилата во Европската Унија се спроведуваат преку локалните власти. - Локалните власти ќе имаат клучна улога и мора да бидат дела од дискусиите на патот кон Европската Унија, нагласи Гир. Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија е формиран во 2008 година со цел да ја подготви основата за проширување на ЕУ преку унапредување на политичкиот дијалог и соработка меѓу локалните власти од државава со членките од ЕУ. Средбите на ова тело се одржуваат два пати во годината, наизменично во Брисел и во Скопје. Заедничкиот комитет брои вкупно 22 делегати, од кои 11 претставници од нашата земја (градоначалници и советници) и исто толку делегати од општините и регионите од земјите од ЕУ. Во рамки на овој настан се одржаа две панел дискусии на коишто се разговараше во врска со новите чекори на земјава на патот кон ЕУ,  односно за енергетската криза и што македонските општини можат да прават. сх/лв/

Остани поврзан