• среда, 18 декември 2024

Зеленски ја повика владата да ги ограничи трошоците за проекти и предизвика оставка од министерот за култура

Зеленски ја повика владата да ги ограничи  трошоците за проекти и предизвика оставка од министерот за култура

Киев, 21 јули 2023 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика владата да ги ограничи трошоците за време на војната, што доведе до оставка на министерот за култура, кој поддржа неколку скапи проекти, јавија британските меидуми.

-За време на ваква војна, вниманието на државата и државните ресурси одат на одбраната, кажа Зеленски во редовното ноќно видео обраќање до сонародниците, коментирајќи го разговорот со премиерот Денис Шмигал.

Зеленски го повика Шмигал да најде алтернативно финансирање за проектите што се „навистина неопходни“ во различни области, вклучително и во областа на културата.

-Музеите, културните центри, симболите, телевизиските серии се важни, но ние имаме други приоритети, изјави украинскиот претседател, цитиран од британските медиуми.

Зеленски, кој беше комичар пред да влезе во политиката, кажа дека ги повикал локалните совети да бидат воздржани во трошењето за луѓето да почувствуваат дека буџетските ресурси се користат праведно и правилно.

-Ќе треба да почекаат калдрмата, градските украси и фонтаните. Прво победа, рече Зеленски и побара од премиерот Денис Шмигал да размисли за смена на министерот за култура и информатичка политика, Александар Ткаченко.

Еден час подоцна Ткаченко објави дека поднел оставка.

„Културата за време на војната е важна затоа што војната не е само за територија, туку и за луѓето - нашата меморија, историја, јазик и креативност, и покрај војната“, напиша Ткаченко на каналот Телеграм.

Пред да влезе во политиката Ткаченко раководеше со телевизиска станица.

„Приватното и јавното финансирање за воената култура не е помалку важно од беспилотните летала. Културата е штитот на нашиот идентитет и нашите граници“, напиша тој.

Засега останува непознато дали објавената оставка на Ткаченко е прифатена, забележуваат британските меидуми.

Еден ден претходно, Ткаченко ја бранеше распределбата на 13,5 милиони долари за завршување на музејот посветен на гладот ​​од 1930-тите, предизвикан од политиката на Јосиф Сталин.

Ткаченко, исто така, промовираше проект за кој тврдеше дека е приватно финансиран за да го замени грбот од советската ера на штитот на 102-метарската статуа на жена што стои пред градскиот музеј од Втората светска војна, наречена „Татковина“.

Олександр Ткаченко, исто така, промовираше филмови и телевизиски програми поврзани со војната против Русија, потсетуваат британските медиуми.сд/

Остани поврзан