• петок, 20 декември 2024

Зеленски: Украина трпи големи загуби поради бавната испорака на оружје

Зеленски: Украина трпи големи загуби поради бавната испорака на оружје

Киев, 15 септември 2024 (МИА) - Украинските војници трпат големи загуби поради бавното пристигнување на западното оружје за соодветно опремување на вооружените сили, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен.

Зеленски истакна дека ситуацијата во источниот дел на земјата е „многу тешка“, додавајќи дека половина од украинските бригади таму не се опремени, пренесува БТА.

- Затоа губиме многу луѓе. Ги губиме луѓето затоа што немаат борбени возила... немаат артилерија, немаат артилериски гранати, рече Зеленски.

Тој, исто така, забележа дека оружјето ветено од САД и европските земји пристигнува многу бавно.

- Потребни ни се 14 бригади за да бидеме подготвени. Досега... од овие пакети [со пратки оружје] не опремивме ниту четири, посочи украинскиот претседател.

Зеленски овој месец треба да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден и ќе му претстави план за ставање крај на војната. Главните елементи се безбедносна и дипломатска поддршка, како и воена и економска помош, најави Зеленски.

Се очекува тој да му ги повтори на Бајден барањата да и се дозволи на Украина да користи американско оружје со долг дострел за да напаѓа длабоко на руска територија.

- Единственото нешто од што се плаши рускиот претседател Владимир Путин е реакцијата на неговиот народ ако цената на војната ги натера да страдаат. Направете ја Украина силна и ќе видите дека тој ќе седне и ќе преговара, рече Зеленски.са/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан