• среда, 25 декември 2024

Зеленски: Украина го проширува форматот на соработка со северноевропските земји

Зеленски: Украина го проширува форматот на соработка со северноевропските земји

Киев, 28 октомври 2024 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека во текот на неделата се очекуваат нови дипломатски вести и дополнителни пакети поддршка за Украина.

- Денеска се подготвуваме за работа со партнерите за неделата пред нас, особено со нашите европски партнери – со оние кои многу фундаментално и ефикасно нè поддржуваат. Создадовме нов формат на соработка – Украина плус северноевропските земји. Во рамките на овој формат, постојано ја зголемуваме нашата соработка, било да е одбранбена, политичка или економска. Во сржта на ова е нашата заедничка визија за Европа каква што сакаме да им ја оставиме на идните генерации, истакна Зеленски во вечерното видео-обраќање.

Тој најави и преговори со членките на Нордискиот совет. - Ќе разговараме со нордиските земји за нови принципиелни чекори кои ќе го зголемат притисокот врз Русија за оваа војна и ќе поттикнат фер дипломатија. Оваа недела ќе има нови дипломатски вести и пакети поддршка за Украина, рече Зеленски.

Претходно, финскиот премиер Питери Орпо најави средба со Зеленски. - Со нетрпение го очекувам состанокот со претседателот Зеленски на Нордискиот совет во Рејкјавик. Финска е една од најсилните поддржувачи на Украина во Европа, рече Орпо.

На официјалната веб-страница на Нордискиот совет е објавено дека украинскиот претседател ќе учествува на седницата на советот, каде што ќе се обрати на членовите на собранието во Рејкјавик на 29 октомври. Главна тема на овогодинешното заседание е „Мир и безбедност на Арктикот“.

За време на посетата на Исланд, Зеленски ќе оствари и билатерални средби со премиерите на нордиските земји. ссм/

фото: архива

Остани поврзан