• вторник, 24 декември 2024

Зеленски го посети фронтот во регионот Харков

Зеленски го посети фронтот во регионот Харков

Киев, 29 јули 2024 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го посети напредниот команден пункт на армијата во зоната Вовчанск, во североисточниот регион Харков.

Таа област е цел на руска офанзива од 10 мај, на која украинските сили даваат отпор.

-Денеска имав чест да им честитам на нашите борци од специјалните единици и да им доделам официјални одликувања, рече Зеленски во изјавата објавена на социјалните мрежи, додавајки дека е благодарен за нивната храброст и нивните херојски операции зад непријателските линии.

На 10 мај, руските сили отворија нов фронт со напад на регионот Харков од север. Тие се обидуваат да го освојат градот Вовчанск, кој сè уште е во центарот на жестоки борби и е тешко оштетен, според сликите направени од украинската војска од дрон.

Поради тој напад, Киев испрати засилување во секторот, во време кога Украина има огромна потреба од војници, поради големите загуби акумулирани за време на повеќе од две години војна од почетокот на руската инвазија.

Украинските сили во моментов го блокираат рускиот напредок во областа Вовчанск. Но, паралелно со таа офанзива, руските сили продолжуваат малку по малку да заземаат терен во источниот регион на Доњецк. мс/

фото: ЕПА

 

Остани поврзан