• сабота, 16 ноември 2024

Зеленски: Враќањето на полуостровот Крим што го припои Русија кон Украина - сигурно ќе се случи

Зеленски: Враќањето на полуостровот Крим што го припои Русија кон Украина - сигурно ќе се случи

Киев, 18 мај 2023 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го свика Советот за реинтеграција на украинските територии за да разговара за враќањето на украинската контрола над Крим и рече дека ослободувањето на полуостровот, анектиран од Русија во 2014 година, „секако ќе се случи“.

Тој зборуваше на состанокот во Киев по повод годишнината од масовната депортација на кримските Татари од полуостровот во 1944 година, за време на Советскиот Сојуз.

Зеленски рече дека сè повеќе земји сфаќаат дека „враќањето на мирот во меѓународните односи, како и целосното владеење на меѓународното право“ ќе биде невозможно без враќање на Крим на Украина.

„Продолжуваме со нашата работа за ослободување на Крим. Ова секако ќе се случи - целосно враќање на Крим во украинскиот државен систем“, им порача Зеленски на лидерите на кримските Татари и на високите украински претставници.

„Се подготвуваме за реинтеграција на Крим. Потпишав указ за Советодавниот совет за реинтеграција и деокупација на нашиот Крим и градот Севастопол“, додаде украинскиот претседател.

Зеленски и другите функционери одржаа минута молчење во спомен на жртвите од депортацијата на речиси 200.000 Кримски Татари во Сибир и Централна Азија во 1944 година по наредба на советскиот лидер Јосиф Сталин.

Зеленски, исто така, рече дека Украина работи на ослободување на кримските Татари приведени во Русија.

Москва ги негира обвинувањата за кршење на човековите права на Крим и вели дека референдумот на полуостровот за приклучување кон Русија ја одразува вистинската волја на жителите на Крим, иако најголемиот дел од меѓународната заедница не се согласува и анектирањето го смета за незаконско. ссм/ 

Остани поврзан