Зеленски бара партнерите да распоредат воени контингенти во Украина
- Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска оцени дека распоредување на воени контингенти на партнерските земји во Украина е едно од најдобрите орудија за принудување на Русија на мир
Берлин, 9 јануари 2025 (МИА) – Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска оцени дека распоредување на воени контингенти на партнерските земји во Украина е едно од најдобрите орудија за принудување на Русија на мир.
- Франција минатата година предложи распоредување на контингенти од партнерите во Украина за да се донесе мир. На сите им е јасно, до денес сите цели на (рускиот претседател) Владимир Путин останаа исти. Тој сака целосно да ја уништи Украина и да не уништи сите нас, и затоа нашата цел е да најдеме што е можно повеќе средства за да ја принудиме Русија на мир, посочи Зеленски на почетокот на 25-тиот состанок на Контакт групата за одбрана на Украина, што се одржува во американската воздухопловна база Рамштајн, во Германија.
Тој истакна дека за француската идеја има позитивни сигнали од некои партнери, посебно од Велика Британија.
- Треба да понудиме навистина силни алатки, наведе Зеленски.
Според него контраофанзивата на украинската армија во руската област Курск е една од најголемите победи на Украина од почетокот на војната.
- Многу од заканите и силните изјави на Русија се покажаа како блефови, особено откако Украинците влегоа во регионот Курск. И сигурен сум дека уште повеќе од нивните закани ќе испаднат како блефови ако сите заедно работиме уште посилно за да ја принудиме Русија на мир, посочи Зеленски. ми/
фото: ЕПА