Зелено светло од Министерството за енергетика на Грција за истражување за природен гас јужно од Крит
- Министерството за енергетика и животна средина на Грција го прифати изразениот интерес од американската компанија „Chevron“ за вршење истражување за јаглеводороди во два блока во морскиот дел јужно од островот Крит, соопштија од Министерството, што според нив е „уште една важна разврска што ги зајакнува напорите на земјата за искористување на националните енергетски ресурси“, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 26 март 2025 (МИА) – Министерството за енергетика и животна средина на Грција го прифати изразениот интерес од американската компанија „Chevron“ за вршење истражување за јаглеводороди во два блока во морскиот дел јужно од островот Крит, соопштија од Министерството, што според нив е „уште една важна разврска што ги зајакнува напорите на земјата за искористување на националните енергетски ресурси“, јави дописничката на МИА од Атина.
Зеленото светло од Министерството се однесува на изразениот интерес за блоковите Јужен Крит 1 и Јужен Крит 2, а дополнително ќе бидат издадени соодветно решение со кое, меѓу другото, ќе се прецизираат точните координати, видот на договорот и објавувањето на меѓународен тендер.
- Оваа разврска ги менува податоците, бидејќи Грција ќе излезе на меѓународните пазари со четири нови области под концесии. Станува збор за областите „Блок А2“, „Јужно од Пелопонез“, „Јужно од Крит 1“ и „Јужно од Крит 2“, со вкупна површина од 47 илјади квадратни километри, што во суштина ја удвојува површината на активните морски области за истражување. Зголемувањето на парцелите достапни за истражување ги зголемува и мултиплицира можностите за откривање наоѓалишта кои можат комерцијално да се искористат, соопштија од Министерството.
Министерот за животна средина и енергетика на Грција Ставрос Папаставру рече дека одлуката на американската компанија е „глас на доверба за Грција“ и докажува дека земјата „продолжува да биде атрактивна инвестициска дестинација, со сигурна Влада која гарантира стабилност“.
- Истовремено, претставува силен показател за постоење на значајни природни енергетски ресурси, клучни за нашата земја, за источниот Медитеран и Европа. Ресурси кои ќе бидат искористени за доброто на сите Грци. Ќе следуваат соодветните министерски одлуки кои се однесуваат на точните координати и распишувањето на меѓународен тендер. Владата на Кирјакос Мицотакис доследно ги спроведува своите заложби за Грција која е енергетски безбедна, атрактивна за инвестиции и геостратешки силна, истакна министерот.
„Chevron“ е втора по големина приватна американска компанија во светот, активна во секторот за јаглеводороди со широко присуство во источниот Медитеран, со истражувачки активности во Египет, Израел и Кипар, а според Папаставру е компанија која „изразува континуиран и зголемен интерес за истражување во Грција“.
Интересот на компанијата е насочен кон вкупно три области во земјата, едната е јужно од Пелопонез, интерес изразен во јануари 2025 година и денешните две области на југот на Крит, а со ова „Chevron“ ќе биде на првото место во однос на површината на земјиштето под управување (со 46.000 квадратни километри), а потоа следат „ExxonMobil“ со 35.655 квадратни километри, „Helleniq Energy“ со 8.564 квадратни километри и „Energean“ со 2.414 квадратни километри. ср/сд/