• сабота, 23 ноември 2024

Здружение на инженери го објави текстот на претставката до институциите за проектот Чебрен

Здружение на инженери го објави текстот на претставката до институциите за проектот Чебрен

Скопје, 18 декември 2023 

Претставката доставена до надлежните институции на 12.12.2023 година

До:

Уставен суд на Република Северна Македонија

Претседателка - Добрила Кацарска

Кеј „Димитар Влахов“ бр.19, Скопје

 

Државно правобранителство

Државен правобранител Агрон Речи

бул. Гоце Делчев 8 – во зградата на Македонска телевизија 6 кат, Скопје

 

Државна комисија за спречување на корупцијата

Претседателка - Билјана Ивановска

Бул. Пресвета Богородица бр.3, Скопје

 

Државен завод за ревизија

Главен државен ревизор - Максим Ацевски

ул. „Павел Шатев“ бр. 2 Палата „Емануел Чучков“, Скопје

 

Јавно обвинителство на Република Северна Македонија

Јавен обвинител Љубомир Јовески

Кеј Димитар Влахов бб , Скопје


Министерство за финансии - Биро за јавни набавки

Директор  Борче Хаџиев

Палата „23 Октомври“ ул. Даме Груев бр.12 2-кат, Скопје

 

Врз основа на член 3 и 4, а во врска со член 2 од Законот за постапување по претставки и предлози („Службен весник на РМ“ бр. 82/08) ја поднесуваме следната

 

ПРЕТСТАВКА
ЗА ЗАШТИТА НА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС УТВРДЕН СО УСТАВОТ И ЗАКОНИТЕ

Со Одлуката на Владата за започнување на постапка за доделување на концесија за користење вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.13/20, 33/20, 121/21 и 302/21), упатениот Јавен повик – Покана за учество во претквалификација на Министерството за животна средина и просторно планирање од 17 февруари и 3 април 2020 година, а по донесената Одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река донесена на 185-тата седница на Владата,

Ние, група граѓани забележавме бројни суштински, правни, економски и стручно-научни недостатоци во постапката при подготовката и реализацијата на Јавниот повик за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија поради што изразуваме сомневање дека со донесувањето на овие општи акти се загрозуваат:

Ø  Суверенитетот на државата определен со членот 1 од Уставот,

Ø  Територијалната целина на државата определена со членот 3 од Уставот,

Ø  Основите  на економските односи определени со членовите 56 и 57  од Уставот:

„Сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита“

„Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја“

Ø  Уредувањето на територијата за потребите на одбраната предвидени со Планот за одбрана на Републиката согласно одредбите од Законот за Одбрана

и затоа,

БАРАМЕ

Да се замрзне процесот за потпишување на договор за Јавно-приватно партнерство додека не се истражат, потврдат или отфрлат нашиве сомневања дека процесот на подготовка на тендерската документација, самата тендерска документација и процесот на подготовка на понудата се водат на начин да се фаворизира студија изработена од компанијата Ексергија од Грција, а договорот е со грчката државна компанија PUBLIC POWER CORPORATION S.A.  и ARCHIRODON GROUP N.V

Образложение

Загрижени сме дека во заднината на овој неоправдано долг процес на донесување одлука, може да се кријат и лукративни причини, за кои немаме суштински докази, а веруваме дека  институциите постапувајќи во рамките на својата надлежност истите ќе ги пронајдат.

Сомнеж го темелиме врз основ на јавните изјави на официјалните лица:

Изјава на премиерот Заев, Април 2018

“Чебрен и Галиште ќе биде помала инвестиција од околу 220 милиони евра, а не мегаломански зафат. Македонија сама ќе ја реализира зашто е финансиски стабилна, ликвидноста и солвентноста се зголемени, а има и многу средства во домашните банки”!

Изјава на премиерот Ковачевски , Ноември 2022

“Затоа ние имаме еден монументален проект во државата кој се нарекува Чебрен и којшто имаше 13 неуспешни обиди. За првпат, има понуда од страна на инвеститор. Тоа е проект вреден 800 милиони евра. Дали ќе биде успешна понудата, евалуацијата ја прави стручна комисија која е составена од експерти од ЕСМ, од Министерство за економија, од Министерство за животна средина и просторно планирање итн.“

Соопштение од Седница на Влада, одржана на 14 септември 2023 година

Согласно изјави во јавност дознаваме дека е прифатена понудата на понудувачот PUBLIC POWER CORPORATION S.A. - Greece & ARCHIRODON GROUP N.V. Greece со почетна цена од околу една милијарда евра или повеќе!

Нашето барање се засновува на дел од документи кои се за нас јавно достапни, а делот кој е за нас недостапен треба да го добијат службите кои се надлежни за овој вид на истрага:

 

1. Врз основа на јавен повик за доставување решенија за реализација на проектот Чебрен и Галиште, ЕЛЕМ добива поголем број решенија од повеќе светски реномирани компании. Во  2016 година (*за време на Владата на Груевски), врз основа на јавен повик, ја избира компанијата FICHTNER, да направи анализа на сите пристигнати решенија и да понуди оптимално решение.

На 21.6.2019 Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев потпиша договор со Meѓународната финансиска корпорација (IFC), со кој треба да се изработи обновена бесплатна студија за проектот „Чебрен“ во кој АД ЕЛЕМ ќе биде дел од јавно-приватното партнерство.

Нашите прашања се:

Ø  Која е причината и образложението да не се прифати предлогот од компанијата FICHTNER?

Ø  Кој побарал (насочил) токму предлогот на компанијата  EXERGIJA да се предложи  во студија  која ја финансира (IFC)  за да се спореди со решението на компанијата  FICHTNER?

Ø  Кои се критериумите  и образложението да биде избрано решението токму од оваа фирма EXERGIJA, за споредба со понуденото од компанијата FICHTNER?

Ø  Врз основа на кои однапред дефинирани критериумите требало да се изврши споредбената анализа?

Ø  Кои се стручните критериумите за да се определат членовите на меѓуресорска комисија која треба да се определи за едно решение? Дали членовите, освен што се администрација во Влада и Министерство за економија се доволно компетентни?

Ø  Како е прифатено како компании кои учествуваат во споредувањето на предложените решенија изработени од  EXERGIJA и FICHTNER, да биде избрана и да учествува EXERGIJA!! Во Македонија, според Закон за градба, Ревизија на студии, проекти или енергетски контроли не може да врши иста компанија која ја изработила студијата, проектот или енергетската контрола.

2.

2.1.       Одлука на Влада  Бр. 45-10737/1  24 декември 2019 година, објавена во Сл.В. 13/2020 од 17.01.2020 (3 месеци пред избори)

Член 5 Став 2

АД ЕСМ ќе ги преземе сите инвестиции за реализација на концесискиот проект, предвидени како обврска на АД ЕСМ со тендерската документација и договорот за Заедничко вложување кој е составен дел од тендерската документација, за што АД ЕСМ ќе донесе соодветна одлука за учество во ЈПП пред усвојувањето на тендерската документација.

Член 5 Став 3

АД ЕСМ во заедничката компанија од ставот 1 на овој член ќе ги преземе најмалку следните обврски:

− ХЕЦ Тиквеш да биде внесен во заедничката компанија 3 месеци по датумот на старт на изградба на ХЕЦ Чебрен,

− изградба на 400 кВ ТС Мариово и приклучок на преносна мрежа,

− експропријација на земјиштето,

− изградба на пристапни патишта до локацијата,

− дополнителниот инпут на АД ЕСМ да биде потребната енергија за работа на ХЕЦ Чебрен во ноќниот период (00ч-07ч) во период од 9 години, до 300 GWh годишно и до 180 MW капацитет, се до капацитетот и техничките можности на РЕК Битола, земајќи ги во предвид задолжителните јавни обврски на АД ЕСМ, по цена од производната цена АД ЕСМ плус 3% маржа, со тоа што предвидени прекини кои ќе резултираат со помалку енергија од нормалното треба да и бидат најавени на Компанијата однапред, најмалку 4 недели пред предвидениот прекин.

2.2.       Одлука на Влада  13/2020 од 17.01.2020

Член 1

Во Одлуката за започнување на постапка за доделување на концесија за користење вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.13/20) во членот 5, ставот 3 се брише.

2.3.         17.2.2020     Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП

Јавен повик за учество во претквалификација на страницата на Министерството

Во преамбулата на Јавниот повик, МЖСПП, преку Комисија за спроведување на постапка за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река, (“Комисијата“), се повикува  кон примена на  Закон за водите и Закон за концесии во согласност со Одлуката за започнување на постапка за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река (Сл.В. 13/2020 од 17.01.2020 и 13/2020 од 17.01.2020).

 

Нашите прашања се:

Ø  Како е воопшто приготвен тендер без референдумско изјаснување?  Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните“ (член 2 од Уставот). За располагање со добра од општ интерес кои тангираат повеќе генерации во иднина мора да се решава со референдум!

Ø  Дали е обработена областа "Одбрана на државата" низ призма на Законот за Одбрана? Се доделува во владеење на странска држава (фирмата ППП е државна фирма идентично со АД ЕСМ) во период од 70 години, на подрачјето на Мариово, со контрола на водотекот на Црна Река??

Ø  Како е прифатено да се распише тендер единствено врз основа на фисибилити студија? Потребно е да постои Основен проект, или барем идеен проект на решението!

Ø  Како е можно надлежното Министерство ЖСПП при Јавен повик за концесија за користење на вода, воопшто да не се предвидат кои се количините на вода кои треба да бидат РЕЗЕРВИРАНИ  како вода за пиење, за наводнување, за индустрија?? А го доделуваат овој проект 70 години владеење на Грчка компанија (10 изграба и 60 концесија). Дали некој воопшто размислувал да ПРОЦЕНИ какви се потребите за вода после 35 години?

Ø  Како е можно да не се дефинира во тендерската документација динамика на користење на водата? Причина: Потреба за вода за наводнување е во летен период, што значи да се акумулира во зимски и пролетни месеци, што е спротивно со потребата за електрична енергија.

Ø  Дали е донесена соодветна одлука за учество во ЈПП на АД ЕСМ пред усвојувањето на тендерската документација? (Сл.В. 13/2020 Член 5 Став 2)? Ние немаме пристап до таков документ.

Ø  Дали е приготвен договор за Заедничко вложување кој е составен дел од тендерската документација пред нејзиното усвојување со кој се предвидени како обврска на АД ЕСМ (Сл.В. 13/2020 Член 5 Став 2)? Ние немаме пристап до таков документ.

Ø  Дали не е сомнително дека однапред се договорени “влезните донации“ кои ќе ги додели Владата на очекуваниот “победник“ на овој тендер, кој што сеуште не е објавен?

Ø  “Комисијата“ во тендерската документација, без одлука на Влада ги менува условите од претходните одлуки: во тендерот стои: “ (iii)    Ексклузивно право да ја управува и одржува ХЕЦ “Тиквеш“ (со инсталиран капацитет од 116MW) три месеци по започнувањето со работа на ХЕЦ Чебрен.“

Ø  Не е природно во тендерска документација одредбите да бидат условни (кондиционал) а не јасно дефинирани, со што при повеќе понуди (а не само една како во овој случај) можни се различни решенија т.е. во текстот стои “ (ii)   ...и брана “Орлов Камен” (со можност за хидроелектрична централа)“! Таа можност е искористена.

Ø  Во документацијата стои: “Јазик на документите за учество во претквалификацијата ќе биде англиски.“  Според Законот за употреба на јазиците – Македонскиот јазик и кириличното писмо се обврска за службена употреба. Или не е така? Веројатно и затоа се користи терминот “инпут“ во текстот (Македонскиот јазик е бетониран, така?)

Ø  Како е можно да не се одбие понуда чија вредност е двојно повисока од индикативната која е наведена во тендерот?  Во документот стои: “Индикативната инвестициона вредност на ХЕЦ Чебрен и брана Орлов Камен е проценета на 570 милиони Евра.“

3

Седница на Влада со Одлука Бр. 41-9282/4 14 септември 2023 (6 месеци пред избори)

донесе Одлука за избор на најповолна понуда за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на црна река на понудувачот PUBLIC POWER CORPORATION S.A. - Greece & ARCHIRODON GROUP N.V. Greece

4. Концесијата за користење на вода за производство на електрична енергија од точка 1 од оваа одлука се доделува за период од 60 години од денот на склучување на договорот за концесија.

Нашите прашања се:

Ø  Во согласност со Член 39 од Закон за концесии и други видови на  јавно приватно партнерство ПРЕТХОДНО НЕ Е ДОНЕСЕН ПОСЕБЕН ЗАКОН за да се донесе одлука за концесија во траење над 35 години: “Договорите предвидени со овој закон се склучуваат за период до 35 години сметано од денот на склучувањето на договорот, односно од денот на влегувањето во сила на договорот, ако овој датум се разликува од претходниот, доколку со посебен закон поинаку не е предвидено.“   

Во Законот за води постои можност да се додели концесија за користење на водата до 70 години (член 57 став 1 точка 1).

При Доделување на концесија по пат на јавен конкурс и исклучоци (Член 55 од Законот за води) насочува : “Концесијата се доделува по пат на јавен повик организиран и спроведен во согласност со одредбите од Законот за концесии и јавно приватно партнерство.“

Од тука следува дека одлуката на Владата не е валидна додека не се донесе, евентуално, посебен закон за одобрување концесија во траење од 60 години.

Ø  Во Тендерската документација, во делот 1.1. Предмет, дефинирано е : “ Проектот ќе биде структуриран како концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна река и учество во јавно-приватно партнерство, при што најдобриот понудувач ќе формира проектна компанија со АД ЕСМ.“

И во овој случај, во сила е Законот за концесии, и не може таа компанија да биде со траење подолго од 35 години.

Ø  После првата претквалификациона фаза, во втората фаза останува само една компанија со комплетна документација. Да се провери дали е исполнет потребниот услов за регуларно учество со само еден понудувач.

Ø  Според нас, 4 години подготовка и евалуација на тендерска документација е во најмала рака неразумен и длабоко сомнителен.

Од Вас како надлежни органи, бараме веднаш да постапите по оваа наша претставка и да ги преземање сите потребни дејствија и мерки за да се спречи повредата на јавниот интерес

Здружение на инженери,

_______________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан