• недела, 24 ноември 2024

Здружение на вработени во сектор игри на среќа: Предлогот за затворање на легалните игри на среќа е всушност залагање за беззаконие

Здружение на вработени во сектор игри на среќа: Предлогот за затворање на легалните игри на среќа е всушност залагање за беззаконие

Скопје, 20 октомври 2023

Во врска со денешната панел дискусија на тема „Негативното влијание на казината и коцкањето со семејството и соочување со оваа девијантна појава“, во интерес на објективна и непристрасна дебата, сметаме дека е неопходно да ги поставиме следните прашања:

Зарем за една политичка партија во услови на инфлација, ценовни шокови, потреси во јавното здравство, секојдневно иселување, глобални воени судири со невидени последици, приоритет е да остави 10 илјади вработени во секторот игри на среќа на улица? Зошто не повикавте наши претставници да го слушнете и нашиот глас? Зошто не викнете експерти кои стручно ќе ви презентираат факти и аргументи дека зависностите не се стекнуваат преку очи, туку се последица на социјални потреси и нарушени семејни околности? Зошто не викнете претставници на Асоцијациите да ви кажат колку вложуваат во кампањи и проекти за заштита и унапредување на младината?

И кога веќе заговарате затворање на легалните игри на среќа по примерот на Косово, одговорете: Колку државјани на Косово дневно доаѓаат да играат во Тетово и цела Македонија? Колку играчници на црно има на Косово? Зошто Албанија се откажа од забраната на игрите на среќа и со кое образложение Албанскиот премиер Еди Рама ја објави одлуката на неговата Влада? Зошто во сите западни земји, во чие друштво сакаме да бидеме, има организирани и легални игри среќа? Зарем членките на ЕУ се девијантни општества штом имаат организирани игри на среќа? Кога младината е заштитена повеќе, денес кога игрите на среќа се легални или кога ќе се игра по подруми како во минатото?

Без одговор на овие прашања нема дискусија, туку предизборен популизам. Во демократски општество има дебата, во која се соочуваат аргументите. Жалиме што не можете да увидите дека предлогот за затворање на легалните игри на среќа е всушност залагање за беззаконие и хаос со играње на црно, без контрола на државата и без буџетски приходи. Доволно е да се потсетите на аферата „Детонатор“, кога во 2011 беа запленети нелегално поставени 1500 покер апарати.

Конечно, уште еднаш да потенцираме. Ние немаме и не сакаме да имаме никаква врска со политика. Нам таму не ни е местото. Ќе се бориме со сите демократски средства против неправдата. Нема да дозволиме да станеме жртви на дневно-политичките пресметки.

 

Здружение на вработени во сектор игри на среќа „САКАМ ДА РАБОТАМ“

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан