• четврток, 26 декември 2024

Здружение ИРИЗ: Во Поликлиниката во Шуто Оризари има недостиг од матични лекари

Здружение ИРИЗ: Во Поликлиниката во Шуто Оризари има недостиг од матични лекари
Скопје, 24 март 2021 (МИА) -  Околу 4000 возрасни пациенти, како и околу 1200 деца во поликлиниката во Шуто Оризари се без примарна здравствена заштита поради недостиг од матични лекари. Проблемот почна минатата година со заминување на една матичка лекарка во пензија, а на почетокот на годинава заминаа уште две од кои едната работеше со деца. Поради ваквата состојба расте нетрпеливоста кај граѓаните во оваа општина. Секој матичен лекар, кој работи во поликлиниката има околу 2500 до 3000 пациенти и нема простор да прими дополнителни пациенти. Ова денеска го изјави Фадил Џемаил, координатор во Здружението на граѓани Иницијатива за развој и инклузија на заедниците од Скопје, кој рече дека за ваквата состојба се информирани сите надлежни институции, министерот за здравство и Здравствениот дом Скопје, кои се одговорни за функционирањето на оваа поликлиника. До денеска, посочи, немаме никаков одговор во однос на промена на состојбата и работата на оваа поликлиника. - Поради таквата состојба има реакции од граѓаните и се случија проблеми во нивната комуникација со матичните лекари. Луѓето не можат да закажат за термини и тие што се заразени и тие кои што имаат потреба од помош немаат начин да го направат тоа. Не можат да закажат термини за тестирање. Тестирањето многу тешко оди, нема доволно тестови, што значи дека секојдневно се соочуваат со големи проблеми околу добивање на здравствена грижа во амбулантата, истакна Џемаил и додаде дека поради ваквата состојба организираат акција за доделување на „наградата за најлоша поликлиника во Скопје“. Тој рече дека и матичните лекари кои работат во поликлиниката се пред пензионирање што значи дека за кратко време може да останат и без нив. - Работата во оваа поликлиника матичните лекари ја доживуваат како казна и затоа нема заинтересирани и покрај одговорите од Министерството за здравство дека има огласи за концесионери, но никој не се пријавува на тие огласи. Нашиот апел до сите е дека во тек на пандемија не смее да се остават граѓаните без здравствена заштита, грижа и без матичен лекар. Има околу 250 лекари по општа медицина кои се пријавени како невработени и од нив еден Ром и од каде е нивната незаитересираност за пријавување на овие огласи за концесионери треба да одговори Министерството за здравство, потенцира Џемаил. Тој рече дека имале информации дека гинекологот требало да почне со работа во поликлиниката  од 1 јануари, потоа тоа се одложило за февруари, па за овој месец и според последните информации, ќе почне со работа од април и се чека на доопремување на неговата ординација, за што е одговорно Министерството за здравство. - Општината помага со молерисување на ординацијата и се заложи првите шест месеци да ја плати медицинската сестра која ќе работи во ординацијата, додаде Џемаил. Салија Бекир Халим од Иницијативата на жени од Шуто Оризари рече дека жените од таа општина кога се јавуваат во другите ординации се одбиени.   Посочи дека жени од Шуто Оризари кога ќе се јавуват сами за да изберат матичен гинеколог ги одбиваат со тоа што велат дека имаат голема бројка на пациентки и не можат да им ја пружат потребната помош, особено бремените жени се ставени во ризик. Оттука, потенцира Бекир Халим, ние практично на добра волја со гинеколозите со кои веќе остваруваме некаква соработка ги молиме, меѓутоа не можеме ние кај сите жени да помогнеме. - Не можеме сите да ги придружуваме за нешто што им следува законски, а имаат потешкотија при остварување на нивните репродуктивни права. Ние заедно со пратеничката, со претставници од општината и со заинтересираниот гинеколог бевме на состанок со министерот за здравство. Беше кажано дека многу брзо ќе се реши целата постапка за рестартирање на гинеколошката ординација, меѓутоа сето тоа многу долго се пролонгира. Во октомври беше состанокот и досега немаме никаков одговор. Постојано велат дека почнуваат со објавување на тендер за набавка на ЕХО-апаратот, меѓутоа очигледно е дека се уште не функционира гинеколошката ординација, додаде Бекир Халим. рп/ац/    

Остани поврзан