• недела, 24 ноември 2024

Здружението „Инклузива“ објави повик за набљудувачи за престојните избори

Здружението „Инклузива“ објави повик за набљудувачи за престојните избори

Куманово, 21 февруари 2020 (МИА) - Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ објави повик за набљудувачи за престојните парламентарни избори, соопшти денеска организацијата.

Набљудувањето на овие избори ќе биде прво мониторирање на парламентарни избори од страна на лица со попреченост во земјава. Претходно, набљудувачите ги следеа локалните избори, реферндумот и претседателските избори.

- Оваа година ќе се ангажираат 72 набљудувачи со попреченост, а дополнително ќе бидат вклучен и тимот на Инклузива, околу 80 луѓе ќе ги набљудуваат овие избори и ќе се набљудува во шест изборни единици, по дванаесет лица бидат распределени на гласачките места во секоја изборна единица, изјави претседателката на „Инклузива“, Благица Димитровска.

Набљудувачите ќе ги следат условите за гласање на лицата со попреченост, но ќе имаат и задача да набљудуваат исто како и „традиционалните“ набљудувачи. Рокот за пријавување ќе трае до 25 февруари до 24.00 часот, по што ќе се изврши избор на кандидатите. Избраните ќе следат дводневна обука, ќе пополнуваат прашалници и ќе подготвуваат извешатаи..

Од претходните избори, набљудувачите утврдиле дека главна пречка е непристапноста на објектите каде се врши гласањето.

- Главните забелешки се однесува на непристапноста на објектите. На последните претседателски избори утврдено беше дека 76 отсто од набљудуваните гласачки места не се пристапни за лица кои имаат телесна попреченост, за некористење на алатките и материјалите за поддршка на лицата со попреченост, всушност избирачките одбори воопшто не беа запознаени зошто служат, но и не беа поставени на местата каде што треба да бидат за да може едно лице да ги користи полесно да гласа, самостојно, рече Димитровска.

Од „Инклузива“ освен забелешки, дале иницијатива за измени во Изборниот законик кои што веќе се извршени.

- Радува што во измените што се направија пред распишување на овие избори, овојпат ќе добијат право да гласаат луѓето кои се во установи за вонсемејно згрижување, тоа е голема бројка, тука ќе гласаат луѓето кои се наоѓаат во старските домови и други форми на вонсемејно згрижување, појаснува Димитровска.

Мониторингот на изборите организиран од здружението „Инклузива“ се спроведува со поддршка и во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер, во рамки на регионалниот проект „Иницијатива за демократија на Западен Балкан“, финансиран од британската Влада. ам/бт/

Остани поврзан